» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Охридското Езеро спуштено за еден сантиметар
11:45 | 08.03.2010 | Автор: МИА
Утринските мерења покажуваат намалување на нивото на Охридското Езеро за еден сантиметар во споредба со вчера, односно водостојот денеска се наоѓа на котата 694,99 метри што е за 24 сантиметри над максимално дозволените 693,75 метри надморска височина.
Намалување за десет сантиметри е регистрирано кај водостојот на реките Коселска и Сатеска, што значи намален доток на вода во езерото и укажува на подобрување на вкупната хидролошка состојба. Стагнацијата на нивото на водата во езерото е последица на спуштањето на температурата, но ситуацијата сепак се уште е загрижувачка поради прогнозите на метеоролозите дека деновиве не очекуваат нови врнежи од снег.
Независно од временските прилики, од Координативното тело за превенција од природни непогоди се порачува дека состојбата во врска со водостојот на Охридското Езеро и останатите критични места каде се можни излевања на реките континуирано се следи, како и оти ситуацијата на терен засега е стабилна и под контрола.
Денеска треба да отпочнат и најавените активности за заштита на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро. Тие активности се содржани во списокот мерки за заштита на општествен и приватен имот на граѓаните во случај на поплавувања, што го изработи локалната самоуправа.
Сетот мерки што веќе е доставен до Кординативното тело за справување со елементарни непогоди, предвидува заменување и поставување нови пумпи од колекторот и пумпните станици што беа оштетени или расипани од надојдените води, како и заштита на колекторскиот систем односно цевоводот и пумпните станици на потегот од Елешец до Метропол, со поставување на тампон во ширина од 3 до 5 метри за да се заштитат од брановите. Сетот мерки предвидува и заштита со вреќи со песок на пумпите кај масноста Грдано, Потпеш и Канео, како и на пумпната станица во населбата Далјан. Меѓу другото како мерка е предвидено и чистење на речните корита на реките Далјан и Грашница, како и изградба на атмосферска канализација на неколку критични локации по течението на тие реки што први се излеваат во векви неповолни хидролошки ситуации.
Изминатиот период превентивно во Охрид на повеќе локации во централното градско подрачје беа поставени десет илјади вреќи со песок, а покрај оштетениот регионален пат Охрид - Свети Наум кај Пештани во езерото крупни камења за разбивање на бранови. Неколку илјади вреќи со песок беа поставени и во струшките села Калишта и Радожда, додека на критичните делови на регионалниот пат Струга - Дебар се гради петметарски насип во должина од 360 метри, како трајно решение на проблемот со излевање на реката Црн Дрим на коловозот.


