» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Париз во одбрана на францускиот јазик
Официјален Париз отпочна „силна офанзива“ за одбрана на францускиот јазик, како јазик на светската дипломатија, спротивставувајќи се на доминацијата на англискиот јазик во Обединетите нации и во Европската унија, пишува „Фајненшл тајмс“.
Лондонскиот весник забележува дека станува збор за нов обид на Франција да го одбрани својот јазик во меѓународните инсистуции и форуми и смета дека оваа дипломатска офанзива е испровоцирана од изборот на британската баронеса Ештон, за нов шеф на дипломатијата на ЕУ.
За поранешниот еврокомесар за трговија и пред тоа неколкугодишен заменик министер во британската влада, Париз смета дека „мошне лошо“ зборува француски, што според француските мислења е „незамисливо“ за некој кој е поставен на вака висока европска функција. Француската страна се плаши дека баронеса Ештон пoради тоа ќе наметне своја и чисто англофонска дипломатија во Брисел и во Унијата.
Француската влада, затоа, го испратила поранешниот премиер Жан-Пјер Рафарен во Њујорк, со задача во Обединетите нации да инсистира да се почитува францускиот јазик како службен и официјален јазик за комуникација во ОН заедно со англискиот, шпанскиот, кинескиот и рускиот.
Лобистот на официјален Париз во седиштето на ЕУ Жак Лафит, меѓутоа, смета дека целата оваа офанзива е сосема непотребна. Во изјава за „Фајненшл тајмс“ Лафит вели дека „англискиот се претвори во латински на современиот свет, јазик што сите го разбираат“. Според неговото мислење „тоа е многу практично, па затоа и не треба да се спротивставува на неговиот успон во светот“.


