» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Партиска поддршка за тезгите
Партијата Обединети за Македонија ја обвини општина Аеродром за нечовечки однос кон пазарџиите.
20:15 | 27.01.2010 | Автор: Билјана Илиќ Героска
Прашањето за официјализирање на дивиот пазар кај поликлиниката „Јане Сандански“ доби политичка димензија. Зад групата револтирани пазарџии, кои сметаат дека се обесправени во битката за легализирање на пазарот, застана партијата Обединети за Македонија, од каде што ја обвинуваат општина Аеродром за нечовечкиот однос кон пазарџиите.
- Општината треба да го реши овој проблем и да го исполни своето ветување што им го дала на овие луѓе. Треба да се провери дали тука се штитат некои поголеми пазарни системи, што пак не е во интерес на граѓанството и на слободната пазарна конкуренција. Таму треба да има пазар бидејќи им е потребен на жителите на општината - вели Филип Петровски, потпретседател на Обединети за Македонија.
Изиграните пазарџии поминаа уште еден ден пред општинската зграда, но не издејствуваа прием кај градоначалникот Ивица Коневски.
- И црквата „Св. Илија“ не е во Деталниот урбанистички план, како и споменикот на Јане Сандански, но сепак се уште стојат на своето место - велат тие.
Продавачите не знаат кој е вистинскиот став на општината бидејќи не сакаат да веруваат дека ќе бидат оставени на цедило и ќе го извлечат подебелиот крај. Тие тврдат дека инспекторите кои ги казнуваат за нелегално продавање им кажале дека ако општината достави писмено барање до Републичката пазарна инспекција во кое се согласува да има тезги на тој пазар, тие ќе се повлечат. Но, од пазарниот инспекторат одрекуваат дека такво нешто може да се случи.
- Пазарите треба да функционираат со посебно пропишан правилник според Законот за трговија. Треба да се исполнат посебни стандарди и некој треба да стопанисува со тој пазар. Наша работа е да го спречиме секој што ќе работи незаконски, а во случајов тоа што се случува со овој пазар никако не е во ред - објаснува Виктор Деренџиев, в.д. директор на Републичкиот пазарен инспекторат.
На ова реагираше и општината од каде што велат дека не постои законска основа со која таа може да достави писмен допис до која било инспекциска служба и од неа да бара да не се казнуваат продавачите. Таа останува на ставот дека нема ингеренции ниту право да се меша во надлежностите на пазарната и санитарната инспекција.


