» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Пливачот Илија Стојановски го фати крстот
Среќниот Стојановски доби комплет апарати за домаќинство, крст и икона.
17:15 | 19.01.2010 | Автор: Петре Ристовски
Дваесет и осумгодишниот професионален пливач Илија Стојановски го фати светиот крст, кој вчера на христијанскиот празник Богојавление од Камени мост во реката Вардар го фрли поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан.
Скопјанецот од населбата Кисела Вода, Стојановски, тренер по пливање и учесник во многубројни натпревари и охридски маратони, како најсреќен меѓу 168-те верници, кои скокнаа по крстот во водите на Вардар, им го честита празникот Водици на сите присутни и им посака среќа и бериќет.
- Ова ми е прво фрлање по крстот и очекував да го фатам. Ви посакувам среќа и бериќет, заедно со сопругата и со четиримесечната ќерка, и се надевам дека с* ќе биде најдобро - изјави Стојановски по излегувањето од водите на осветениот Вардар.
Архиепископот г.г. Стефан во своето обраќање пред многубројните христијански верници, кои вчера беа собрани во центарот на Скопје и на брегот на македонскиот Јордан, им порача да се крштеваат, бидејќи само така можат да ги откријат новозаветните вистини.
- И ние, денешниве христијани не треба да се разликуваме од оние што пристапувале да бидат крстени како сите низ христијанските векови. Тие услови и денес се потребни за да може да го доживееме и Богојавлението. И денес е потребно да се измениме и да се поправиме за да се покаеме, а тоа подразбира да бидеме благочестиви христијани, милосрдни, да имаме повеќе љубов, поголема вера и попостојана надеж, да проштеваме и да помагаме - рече поглаварот на Македонската православна црква.
Традиционално, тој што ќе го фати крстот добива подароци, па така Стојановски беше почестен со комплет апарати за домаќинство од генералниот спонзор „Горење“, од минатогодишниот кум доби лаптоп, од премиерот Никола Груевски дивиди-сараунд, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски го закити со златник, а градоначалникот на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, му подари икона. Спасувачките екипи, составени од два чамци и два кајаци, мораа да интервенираат на неколку наврати и од студената вода извадија четворица капачи.


