» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Почна лидерската средба за уставните измени
Во Клубот на пратениците попладнево почна лидерската средба на која се разговара за предлог уставните измени во делот на Судскиот совет.
На средбата што ја иницира премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, присуствуваат и претседателите на СДСМ Бранко Црвенковски, на ДУИ Али Ахмети и на Нова демократија Имер Селмани. Како и на последните некoлку лидерски средби, и овојпат не дојде првиот човек на ДПА Мендух Тачи.
Со предлог измените на Уставот, освен зголемувањето на бројот на судиите во Судскиот совет што ќе бидат избрани од редот на судиите, министерот за правда да не биде член, се предвидува и намалување на мандатот на членовите на Советото, што сега изнесува шест години, како и зајакнување на критериумите за избор на судии. Целта е да се зајакне независноста на судскиот систем и да се зголеми неговата ефикасност.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ посочија дека се подготвени да разговараат за секој предлог што ќе дојде од сериозен и релевантен извор, но оти сега би сакале концентрацијата да биде насочена кон овие предлози.
Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски, најави дека нема намера да излезе со свои предлози за менување на Уставот, но предупреди дека неговото менување претставува ризик да поттикне предлози за измени и на други делови од основниот државен акт.
Нова Демократија веќе јавно објави дека има предлози и за други измени на Уставот и оти ќе ги соопшти нивниот претседател Имер Селмани на лидерската средба.


