Пресуди за Google поради снимка на злоставувано момче

13:15 | 24.02.2010 | Автор: e-reporter

Судот во Милано осуди тројца челници на Google за повреда на правото на приватност, поради тоа што видеоснимка на која се гледа злоставување на момче со даунов синдром, била достапна два месеци на мрежата.
Потпретседател на Google, Дејвид Драмонд, поранешниот член на управата на италијанската подружница на компанијата Џорџ де Лос Рејес и советникот за прашања поврзани со приватноста Питер Флечер се осудени на шест месеци условна казна затвор.
Пресудите се однесуваат на случајот од 2006 година кога ученици од училиште во Торино со мобилен телефон го снимиле злоставувањето на нивниот соученик со дауноив синдром и снимката ја објавиле на Google.
Тужбата против челниците на Google ја поднело здружение за заштита на лица со даунов синдром, изјави таткото на злоставуваното дете.
Претставниците на Google се обидоа да се оправдаат со аргументацијата дека снимката била отстранета веднаш откако добиле дојава од италијанските власти, што обвинителството не ја прифати затоа што снимката била достапна два месеци откако некои интернет корисници побарале да биде отстранета.

Google Video, YouTube и Facebook не можат да бидат одговорни за содржината што ја поставуваат корисниците, тврдеа бранителите на осудените, споредувајќи го тоа со вина на поштите за она што некој ќе го напие во писмата.

Но, челниците на Google се обвинети затоа што не ја отстраниле содржината веднаш.

Тагови (карактеристични поими за веста):
пресуда | Гугл |