Претседателот Иванов на Безбедносна конференција во Минхен

10:00 | 04.02.2010 | Автор: МИА
Претседателот Ѓорѓе Иванов денеска ќе отпатува во Германија каде што од утре ќе учествува на 46-тата безбедносна конференција во Минхен која ќе трае до 7 февруари. На Минхенската конференција годинава ќе учествуваат околу 300 шефови на држави, влади, високи функционери опозициски лидери и претставници на организации од целиот свет.

Од повеќето информации за конференцијата се истакнува говорот на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, а по првпат на безбедносната конференција ќе учествува генералниот секретар на НАТО Андрес Фог Расмусен и министерот за надворешни работи на Кина Јанг Џиечи.

Слоганот на годинешнава безбедносна конференција во Минхен е „Нема повеќе оправдувања“, а намерата на домаќинот Волфганг Ишингер зад ова мото е да ги мотивира учесниците да преземат акција.

Во услови на политички промени Ишингер годинава планира да внесе нови соддржини во агендата на конференцијата во Минхен. Според него, економската и финансиската криза и безбедноста на доставите за војниците во мировните мисии дефинитивно го променија значењето на терминот „безбедност“.