» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Продолжуваат протестите во Грција
Продолжуваат денеска протестите во Грција на државниот сектор поради владините економски мерки, објавуваат грчките медиуми.
Од денеска во 48-часовен штрајк се даночните службеници, а со повремени прекини на работата од денеска до 12 март протестираат и службениците во судовите.
Вработените во општините ќе ја запрат работата за четири часа на 10 март, а на 11 март ќе се одржи генерален штрајк. Протести планираат и полицајците. Тие ќе штрајкуваат на 11 март.
Речиси 87 отсто од Грците стравуваат дека строгата програма на Владата во економијата ќе предизвика социјално незадоволство.
Според анкета објавена вчера во Вима, 86,7 отсто Грци стравуваат дека „најлошото“ допрва претстои.
Според 38 отсто анкетирани, обновата на грчката економија ќе одземе најмалку четири години, а околу 20 отсто се со став дека тоа ќе трае пет до девет години. Педесет и два отсто веруваат дека премиерот Јоргос Папандреу ќе ја изведе државата од економската криза.
Новиот економски план за штедење во вредност од 4,8 милијарди евра, или два процента од БДП, има за цел на владата да и овозможи да ја исполни поставената цел до крајот на годината да го намали буџетскиот дефицит од 12,7 на 8,7 проценти од БДП.
Предвидено е 2,4 милијарди евра од потребните средства да бидат обезбедени со приходи од даноци и такси, а другите 2,4 милијарди евра да бидат добиени од кратењата на трошоците.
Мерките вклучуваат замрзнување на пензиите, намалување на божиќните, велигденските и летните премии на државните службеници, зголемување на ДДВ-то и згоемување на акцизите врз алкохолот, цигарите, горивата и луксузните стоки.
Поконкретно, пакетот предвидува празничните премии на државните службеници за Божик и Велигден, популарните 13-та и 14-та плата, соодветно да бидат намалени за 30 и 60 отсто. ДДВ се зголемува за два отсто на 21 процент, што се очекува да донесе заштеди во износ од 1,3 милијарди евра, зголемување на БДП за 0,5 процент. Акцизата врз алкохолот се зголемува за 20 проценти, а таа врз цигарите - за 63 проценти. Кај горивата акцизата скока за осум евроценти за литар бензин и за три евроценти за литар дизел гориво.


