Протест на земјоделци во Хрватска

10:00 | 02.03.2010 | Автор: МИА
Неколку стотици селани од Славонија, централна Хрватска, ја блокираа денеска крстосницата меѓу Пожега, Славонски Брод и Осијек.
Изразувајќи незадоволство од состојбата на земјоделството во земјата, селаните, организирани во селски здруженија во Славонија и Барања, побараа од Министерството за земјоделство да им ги исплати дотациите за 2008 година, како и неисплатените дотации за 2008 година.
Тие се незадоволни и од намалувањето на помошта со 40 отсто, бидејќи според нив тоа се повеќе ќе ја отежни и без тоа тешката безизлезна ситуација во семејните стопанства.
Претседателот на здруженијата Драгурин Дукиќ го повика министерот за земјоделство Петар Чобанковиќ, ако не може да ја реши ситуацијата, да поднесе оставка.
Земјоделците соопштија дека ќе ги продолжат протестите се до исполнување на нивните барања, меѓу кои и оставката на претседателот на Хрватската селанска партија Јосип Фришчиќ и претседателот на Хрватскиот селански сојуз Жељко Мавровиќ.