» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Ракометарите да се симнат на земја
Навивачите разочарани од неуспехот на националниот тим, а нивните колеги се обидуваат да пронајдат оправдување за осцилациите во играта.
17:15 | 19.01.2010 | Автор: Шпиц
Македонската ракометна репрезентација не успеа да ги помине претквалификациите за пласман на Светското првенство во 2011 година. Ремито со Литванија и победата од 35-26 над Турција не беа доволни за јунски бараж, бидејќи Литванците домашниот тим го совладаа со 13 гола разлика. Неуспехот на ракометарите предизвика разочарување кај македонските навивачи, кои не можат да се помират со несериозниот однос кон дресот со националниот грб, особено по ланскиот јануари кога Македонија со успех настапуваше на Светското првенство, а играчите стекнаа статус на ѕвезди.
- Ќе одиграат добро еднаш во кариерата и потоа ќе се вадат на стара слава. Минатите квалификации за ЕП одиграа нерешено со Естонија, сега повторно кикснаа со Литванија и нема да одат на големо натпреварување. Не смеат да н* лажат повеќе со судии и со приказни дека Турција против Литванија играла со втор тим. Треба да ја признаат вината и да се спуштат од облаците и да настапуваат за репрезентацијата со ист жар, како што тоа го прават големите имиња на светскиот ракомет од Франција, Хрватска и од другите земји - резигнирано коментира скопјанецот Бојан Јовчески.
Исти беа размислувањата на поголемиот дел од луѓето со кои екипата на „Шпиц“ имаше можност да поразговара во една обложувалница. Сите еднодушно потврдија дека ракометарите наместо да го градат имиџот на успешни спортисти, се задоволија со неколку добри натпревари за кои ќе раскажуваат цел живот.
Колегите на репрезентативците се обидуваат да ја спуштат топката на земја и да пронајдат оправдување. Младиот пикер на членот на Првата ракометна лига РК Драчево, Благоја Андоновски, вината не ја гледа во играчите, туку во организацијата на националниот тим.
- Ги слушав радиопреносите од Турција. Репрезентативците се физички добро подготвени, но најверојатно сакаа со индивидуални акции да се докажат и направија од готово вересија. Селекторот Љубомир Савевски е добар мотиватор и од него треба да се очекуваат успеси, а на тимот помош треба да им дојде од Ракометната федерација. Не смее репрезентацијата да има стручен штаб неколкупати помал од администрацијата во сојузот. Освен селектор, во стручниот штаб мора да има нутриционист, кондиционен тренер, масер, доктор, физиотерапевт... Во Македонија работите се поинаку поставени отколку во Германија или во Франција и затоа има големи осцилации во игрите и во резултатите - вели Андоновски.


