» Најкоментирани од последната недела:
Русевски се враќа во репрезентацијата
Најдобриот македонски тенисер постигнал преддоговор за настап во Дејвис-купот против Босна и Херцеговина.
Најдобриот македонски тенисер Предраг Русевски има намера да се врати во македонската дејвискуп-репрезентација. Тој изјави дека има контакти со Македонската тениска федерација, од каде што му бил понуден нов годишен договор. Кампањата во Втората евроафриканска зона, Македонија ја почнува на домашен терен против Босна и Херцеговина во почетокот на март (5-7).
Русевски последен пат настапи за националниот тим против Јужна Африка, а ги пропушти изминатите два дуела против Белорусија и Словачка. По поразите во овие три пресметки Македонија се пресели од Првата во Втората евроафриканска зона.
- Јас разговарав со селекторот Маринковиќ и му кажав дека имам желба да ги бранам националните бои. Не само јас, туку желба да играм имаат и моите блиски и пријателите, а се надевам и фановите. Против Босна играме дома во Велес и би сакал да & помогнам на репрезентацијата да извојува победа. Сепак, одлуката дали ќе играм не зависи од мене. Ќе видиме во претстојниов период каков ќе биде исходот на разговорите - додава Русевски.
Тој со тренинзи и подготовки почна на 15 декември. Минатата сезона имаше проблеми со повредите, но се надева дека сето тоа е зад него.
- Работите засега одат полека, но се одвиваат добро. Сe уште имам болки во проблематичното колено, но тие се помали. Се надевам дека наскоро ќе ги снема. Засега тренирам сам, а од 1 февруари ангажирав тренер, па во наредните месец-два планирам да се вратам во препознатливата форма - изјави Русевски.
Вљубен, но не се жени
За македонскиот тениски ас во изминатиов период се шпекулираше дека планира да заплови во брачните води, но Русевски ги демантира овие гласини.
- Обично немам желба да коментирам моменти од мојот приватен живот, но овие шпекулации се неточни. Имам долгогодишна врска, задоволен сум на тој план, но засега не планирам да се женам - вели на крајот Русевски.


