» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Шацимаркакис: Постои одреден предлог за името
Постои одреден предлог за решавање на спорот за името, но не е мое да го кажувам, тоа зависи од премиерот Никола Груевски дали ќе го соопшти. Кај него постои расположение за решение, изјави денеска на прес-конференција копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија и Европската унија Јорго Шацимаркакис по завршување на дводневниот состанок.
Копретседавачот смета дека двајцата премиери се свесни за притисокот, кој сега можеби е двојно поголем за грчкиот лидер Јоргос Папандреу, поради економските проблеми со кои се соочува неговата земја. - Наредната недела ќе дојде и посредникот Нимиц и секако мислам дека ќе се стават одредени предлози на маса. Не знам дали тие ќе се прифатат, но, го знам следното: доколку имаме состојба каде што една страна губи, а другата смета дека добива тогаш ќе имаме проблеми со децении нанапред. Тоа значи дека треба да дојдеме до една состојба на двојна добивка што од своја страна подразбира компромис – нешто да се даде за нешто да се добие, изјави Шацимаркакис.
Свесен дека ваквиот компромис не е многу често присутен на Балканот, бидејќи „тука работите се гледаат црно – бело, а не сиво како што е можеби е духот на Европа“, европратеникот предупреди дека доколку не дојде до решение не само што ни претстои застој туку ќе дојде и до замореност кај граѓаните на Македонија од Европа, а тоа, како што нагласи е опасно.
Пратеникот Александар Спасеновски, кој воедно е и копретседавач со Комитетот, истакна дека во еден од заклучоците на состанокот се потенцира дека приемот во ЕУ треба да биде исклучиво врз основа на исполнувањето на Копенхашките критериуми и укажа на принципот на фер условеност што подразбира дека државите членки не треба да ги искористуваат за сопствен интерес што не оди во прилог и е во спротивност со политиката на проширување на ЕУ.
- Нашата цел, меѓу другото, беше дека наспроти она што се нарекува билатерален проблем што го има Република Македонија е исклучително важно да укажеме дека критериумите од Копенхаген се оние што го определуваат патот на Република Македонија и дека не треба да се дозволи институциите на ЕУ да бидат доведени во прашање заради остварување на билатерални интереси. Покрај прашањето за името постојат еден куп други прашања кои се исклучително важни за граѓаните за квалитетот на живеењето, укажа Спасеновски.
Во завршниот документ од дводневниот Седми состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и Европската Унија се наведуваат низа заклучоци во кои се потенцира напредокот што земјата го постигна за влез во Унијата и исто така се даваат одредени препораки.


