» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Шопингот се сели на интернет
Сите правни лица регистрирани во Македонија, кои немаат законски пречки за вршење на дејноста, можат да поседуваат виртуелна продавница
14:15 | 21.01.2010 | Автор: Шпиц
Електронската трговија како алатка за развој на економијата овозможува сите фирми што нудат производи и услуги на македонскиот пазар, тоа да го прават и преку интернет. Тие можат самостојно да отворат онлајн-продавница, доколку направат интернет-страница за тргување и за купување или да користат провајдер за услуги на онлајн-трговијата.
Фирмите со ова стануваат поконкурентни на пазарот и си создаваат можност своите производи да бидат достапни за сите купувачи, кои од ден на ден ги има повеќе на глобалната компјутерска мрежа.
Виртуелна продавница формира со посредство на комерцијална банка, која на заинтересираните фирми им овозможува користење софтвер, со кој купувачите ќе може да ги префрлуваат парите. Заинтересираните аплицираат во банките со подготвен бизнис-план за производите и за услугите што ќе ги нудат.
За користење на софтверот на соодветната банка се поднесува барање за инсталација на е-комерцијална апликација. Таква документација може да поднесе секоја фирма која е регистрирана за вршење продажба и која има сметка во банката. Покрај основните податоци за правното лице, барањето за инсталација на сервисот треба да содржи информации за начинот на кој работи компанијата. Треба да се опише типот на производите и на услугите и видот на соработка со фабриките или со набавувачите.
Потребни се и дополнителни податоци за начинот на работа во однос на регистрација на корисниците на картички, за користење база на податоци за продажба во име и за сметка на други фирми и име на вршителот на хостирање на веб-порталот. Секако треба да се обезбеди телефонска линија и електронска адреса на поддршка на корисници.
Има неколку типа задолжителни информации, кои мора да ги содржи веб-порталот на трговецот. На интернет-страницата треба да има детален опис на производите што се продаваат, јасно да се истакне нивната цена во денари, политика за заштита на лични податоци и информации, процедурата како се доставува купениот производ (начин, рок и цена на достава) и начин на кој се враќаат парите во случај на рекламација.
Сите правни лица регистрирани во Македонија, кои немаат законски пречки за вршење на дејноста, можат да поседуваат виртуелна продавница и да ги нудат своите производи и услуги. Нормално, на интернет не смеете да продавате крв и делови од телото, алатки за ограбување, опојни дроги, детска порнографија, материјали со навредлива содржина документи за идентификација и лични податоци, фалсификувани производи, оружје и експлозивни направи, ознаки на војска или полиција, лекови кои се продаваат на рецепт, акции и предмети набавени како резултат на кривично дело.


