» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Словенци го утнаа знамето на Хрватска
Организаторите велат дека грешката е ненамерна, а Хрватите мислат дека станува збор за нова невкусна шега на соседот.
За време на 46. издание на традиционалната скијачка манифестација „Златна лисица“ во Марибор, словенечките организатори направија компилација од српското и од хрватското знаме. На претставувањето на земјите-учеснички, распоредот на боите на хрватското знаме беа како на српската тробојка, а грбот беше како што треба - шаховница.
- Дојде до голема грешка и тоа баш кај знамето на Република Хрватска. Многу ми е тешко и непријатно поради пропустот. Веднаш ќе ја исправиме грешката и во иднина ќе имаме адекватно знаме. На сите ни е жал и во името на организацискиот одбор на „Златната лисица“ им се извинуваме на сите Хрвати. Немаше никаква намера да се навредат нечии чувства - изјави генералниот секретар на организацискиот одбор, Среќко Вилар.
Портпаролот на Хрватскиот скијачки сојуз, Ненад Ерор, им прости на организаторите, меѓутоа јавноста не го дели неговото мислење. На голем дел од Хрватите овој пропуст им падна многу тешко. Овие две поранешни земји се уште водат спор околу граничната линија, а имаат големи несогласувања за разграничувањето на водите во Јадранско Море во Пирански Залив.
Згора на се, по киксот на Хрватска во квалификациите за фудбалското Светско првенство во Јужна Африка, Словенците, кои ќе настапат на мундијалот, почнаа да се зафркаваат со своите соседи. Им направија реклама за „мастеркард“ со слоганот: „Некои работи не можат да се купат со пари“, на која фанови во хрватски дресови, со пиво во рацете седат пред телевизискиот приемник и гледаат меч на Словенија. Најновата шега е сцена од „Сам дома“ во која малиот глумец Меклафлин вели дека не го сака татко си бидејќи никогаш не е дома, а истото го вели и за својата мајка. На прашањето кого сака, тој одговара: „Ја сакам фудбалската репрезентација на Хрватска. Таа никаде не оди и секогаш е дома“.


