» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Со песна се чествува роденденот на Тоше
Денеска, во повеќе градови на Балканот обожавателите и почитувачите, на свој начин ќе го одбележат денот кога се роди најблескавата македонска легенда
22:00 | 24.01.2010 | Автор: Шпиц
Чествувањето на денешниот ден, 25 јануари, роденденот на легендата Тоше Проески ќе го одбележат неколку настани низ повеќе градови во Македонија и Балканот. Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“, роденденот на поп-иконата ќе го одбележи денеска со изложба под наслов „Тоше има само ден на раѓање“. На изложбата со наслов „Тоше има само ден на раѓање“ ќе бидат претставени 40 ликовни дела од меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“, кои беа создадени во Крушево.
- На големиот хуманист Тоше сакаме да му се оддолжиме со хуманост, па затоа по завршувањето на изложбата, делата ќе ги подариме на Музејот во неговиот роден град, а посебен избор од слики подготвивме и за конаците во манастирот „Свето Преображение“ - изјави Коста Хаџиантовски, раководител на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ - Битола. Ликовната изложба ќе биде отворена денеска во 10 часот, во националната детска галерија во Старата битолска чаршија, а веднаш потоа делегација на детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ ќе отпатува во Крушево каде што ќе положи свежо цвеќе на неговиот вечен дом.
Денеска ќе биде промовирана и книгата поезија на влашки јазик „Остани како светлина“ од Ванѓа Михањ-Стерју, посветена на Тоше Проески и Кристина Костова, првата претседателка на невладината организација „Совет на млади Власи од Македонија“.
Републичкиот завод за трансфузиологија, пак, организира крводарителска акција. Повод за оваа акција е продолжување на хуманата мисија на Тоше. Од Заводот ги повикуваат граѓаните да се приклучат кон акцијата, која почнува во девет часот. Во повеќе цркви низ Балканот фановите ќе одржат помен за ѕвездата.
А во пресрет на роденденот, во саботата вечерта во скопскиот хотел „Александар палас“ беше промовиран новиот албум „Сe` уште сонувам дека сме заедно“. Содржи девет композиции, од кои за осум музиката ја потпишал Проески. Тоше ја пее песната по која е насловен албумот и која досега не беше објавена, а неговите песни пак ги пеат Калиопи, Елена Ристеска, Бојан Маровиќ, Борис Новковиќ, Тони Цетински, Јелена Томашевиќ, Нина Бадриќ и Аки Рахимовски.
Освен пејачите, новинарите и авторите, во „Александар палас“ дојдоа и роднините, пријателите и другарите на Тоше, композиторот Кире Костов, менаџерката на Руслана, Јана Прјатко, од Украина, која отсекогаш доаѓаше за сите промоции и концерти на Тоше, диригентот Саша Николовски-Ѓумар, менаџерот Џаро, музичарите Тавитјан, бендот на Тоше, Ламбе Алабаковски и други.
Мандиќ и Митровиќ со приватен авион
Српските пејачи Оливер Мандиќ и Беби Дол и сопственикот на ТВ-Пинк, Жељко Митровиќ, во Скопје пристигнаа во саботата попладне, со приватен авион. Желба на Мандиќ беше песната посветена на Тоше на концертот да ја изведат на плејбек, од страв дека ќе го издадат емоциите и солзите за Тоше, кого премногу го почитувал и сакал, иако никогаш не го запознал.
- Неговата предобра душа е разлеана низ целиот Балкан. Тој беше единствениот од овие простори, кој можеше и ќе оствареше светска слава - изјави Мандиќ.


