Советот за безбедност денеска расправа за ситуацијата на Косово

09:15 | 22.01.2010 | Автор: МИА

Њујорк, 22 јанаури - Во Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе се одржи седница посветена на ситуацијата на Косово.

На седницата ќе биде разгледан најновиот извештај на генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, во кој ситуацијата на Косово е оценета како „релативно мирна, но потенцијално кревка“, а Белград и Приштина се повикани да го остават настрана разгледувањето на статусот во интерес на регионалната соработка.

Бан Ки-мун во извештајот ги повика Белград и Приштина на флексибилност, со цел да се дефинира начинот на учеството на Косово во регионалните и меѓународните механизми и форуми, што според него е неопходно за економскиот и демократскиот развој и долгорочната стабилност на регионот.

Првиот човек на ОН истакнува дека и УНМИК останува приврзан на олеснувањето на ангажирањето на сите страни, за да се пронајдат практични решенија за прашањата од заеднички интерес.

- Меѓуетничките инциденти особено остануваат присутни во северниот дел на Косовска Митровица, што претставува причина за загриженост, нагласува Бан Ки-мун во изештајот.

На седницата извештајот на УНМИК ќе го претстави шефот на мисијата на ОН на Косово, Ламберто Занијер. Ставовите на Србија ќе ги изнесе српскиот претседател Борис Тадиќ, а на седницата ќе присуствува и косовскиот министер за надворешни работи Скендер Хисени.

Тагови (карактеристични поими за веста):
косово |