Спортски фан доби 15 месеци затвор за закани на Фејсбук

11:00 | 05.03.2010 | Автор: e-reporter

Судот во Белград осуди фудбалски фан на казна затвор во траење од 15 месеци поради закани што на телевизиски репортер и ги упатил преку Фејсбук.



Младиот фан, како што јавува „еРепортер“, беше осуден поради „загрозување на безебдноста“ на новинарот на телевизијата „B92“ Бранкица Станковиќ, праќајќи и закани на социјалната интернет мрежа.



Неодамнешниот документарец што го сними Станковиќ, открива дека лидерите на српските фудбалски банди осомничени за сериозни криминални дела, вклучувајќи убиства, трговија и растурање дрога, се се уште на слобода.



Телевизијата „B92“ објави синоќа дека осудениот фан ја признал вината за време на судењето и оти и се извинил на новинарката.

Шестмина други српски фудбалски фанови се уапсени и чекаат судење поради извикување смртни закани за новинарката Бранкица Станковиќ на натпреварот Партизан - Шахтјор што во декември се одржа во Белград во рамки на Купот на Европа.