» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Срамна помош за Хаити, ама голем чалам
Нека не бараат оправдување во немаштијата и кризата, и онака трошат само на споменици, вели Љутви Сеад, стар скопјанец
Скопјани се збунети. Хаити, погоден од катастрофалниот земјотрес, кој однесе меѓу 50 и 200.000 животи и целосно го разурна главниот град Порт-о-Пренс, од македонската влада доби помош од само 100.000 долари, а од Скопје, градот на солидарноста, прескромни 25.000 евра.
Радмила Шеќеринска од СДСМ ја оцени помошта за Хаити како срамна и симболична, потсетувајќи притоа дека по 1963 година, Скопје важи за град на солидарноста, возобновен, меѓу другото, и со финансиска помош од повеќето светски држави.
- Учев во „Песталоци“, училиште изградено од швајцарската влада. Одевме на лекар во „Букурешт“, болницата изградена од романска помош. Си игравме на игралиштето на „руската“ зграда. Живеевме во Тафталиџе и во Пржино во „финските“ или во „мексиканските“ бараки - се потсетува таа.
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски вети срамна симболична помош во име на градот на солидарноста, во иста изјава, во која споменуваше милиони евра за антички огради, леани фигури и ѕвездени лавови. Образот се трудат да ни го обелат неколку невладини и хуманитарни организации. Неуспешно. Македонија и Скопје паднаа на испитот, а молкот и негрижата на најповикуваните продолжуваат, објаснува Шеќеринска.
Скопјани, пак, со доза на сочувство во гласот, велат оти Македонија им понуди минорна помош на Хаиќани. Сепак, додаваат тие, битно е да се учествува.
- Ова е срамно за државата, дури и лицемерно. Кога беше земјотресот во Скопје во 1963 година, од секаде пристигнуваа камиони помош. Затоа сме луѓе, за да си помогнеме, никогаш не се знае што може да те снајде. Нека не бараат оправдување во немаштијата и кризата. И онака трошат само на споменици - вели Љутви Сеад, стар скопјанец.
Во Хаити ќе замине медицинска екипа од најмногу пет доктори, изјави завчера за новинарите, Мартин Мартиновски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа скромна бројка на медицински персонал го наметнува и прашањето за состојбите во македонското здравство.


