» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Стејт департментот за човековите права во Грција
13:45 | 12.03.2010 | Автор: МИА
Стејт департментот на САД во својот годишен извештај за човековите права во Грција констатира серија позитивни мерки, преземени по смената на Владата во земјата во октомври минатата година, но во извештајот не недостасуваат и забелешки, соопштува грчката агенција АНА-МПА.
Меѓу позитивните мерки на новата социјалистичка Влада на Грција се посочува привременото затворање на имиграцискиот центар во Пагани, составувањето на експертска комисија за повторно разгледување на законодавството и процедурите за давање азил, како и формирањето на посреднички совети за заштита на имигрантите во структурите на локалната власт.
Извештајот, што Стејт департментот го поднесува секоја година до американскиот Конгрес, во општи црти е сличен на минатогодишниот, а исто така, соддржи и забелешки. Во него се бележат случаи на малтретирање нелегални имигранти и Роми од страна на грчките власти.
Како засрамувачки се определуваат условите за живот во некои затвори и имиграциски центри, констатирани се, исто така, и правни ограничувања и административни пречки во врска со слободата на говорот и самоопределувањето на етничките малцински групи, се споменуваат случаи на домашно насилство, на дискриминација и експлоатација на малолетни деца од ромско потекло и на нелегална трговија со луѓе.
Во извештајот се цитираат судски процеси, водени заради одбивање на властите да регистрираат етнички здруженија под името македонски или турски, а исто и извештај, изготвен од независен експерт на ОН во март минатата година, во кој се дава оценка дека сите оние кои се самоопределиле како етнички Македонци и натаму се подложни на дискриминација.
Владата во Атина се повикува да се разграничи од спорот за тоа дали има или нема македонско или турско малцинство во Грција и напорите да ги насочи врз прашањата за заштита на правата за самоопределување и слобода на говорот, и на здруженијата и организациире да им одобри да го употребуваат префиксот македонски или турски.
Во врска со религиозните слободи се посочува дека законите во Грција ја предвидуваат слободата на религиите, но периодично неправославни групи се сретнуваат со административни пречки и законски ограничувања.
Се забележува дека главен проблем за муслиманите во Атина останува немањето на џамија и муслимански гробишта, и покрај тоа што и оваа година државните функционери изразиле задоволство од фактот дека бил Најавен терен за џамија во грчкиот главен град.
Во делот за националните и етнички малцинства од извештајот се повторуваат оценките од минатата година и се посочува дека грчките државјани, кои се самоопределиле како Турци, Помаци, Власи, Роми, Арванити или Македонци, треба да бидат признати како „етнички или јазични малцинства“, при што се подвлекува дека Грција признава единствено „муслиманското малцинство“.
Во извештајот се истакнува дека Владата „не го признава за македонски словенскиот дијалект во северозападниот дел на Грција“. Се посочува дека официјални претставници и судови во земјата „не им одобруваат на словенски групи да се самоопределуваат како Макединци“, со аргументот дека околу 2,2 милиони грчки државјани во однос на етничката припадност и јазикот веќе го користат префиксот Македонец.


