» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Усвоени 31 од 103 закони од годинашната Национална програма за хармонизација на законодавството со ЕУ
12:45 | 27.01.2010 | Автор: МИА
Скопје, 27 јануари - Од вкупно 103 закони што ги предвидува Националната програма за усвојување на законодавството на ЕУ за 2010 Владата заклучно со вчерашната седница усвоила 31 кои наскоро треба да се најдат во Собранието.
- Сметаме дека процесот на реализација е прилично висок бидејќи Владата ги има утврдено предлог-текстовите на 31 закон. Тоа е посебен показател за посветеноста на Владата на Република Македонија на процесот на усогласување на законодавството што е дел од вкупниот процес на приближување на нашата држава кон ЕУ, рече вицепремиерот Наумовски.
Одговарајќи на новинарско прашање за динамиката на носење на законите, тој рече дека за 2009 година од предвидените 100 закони заедно со последниве триесетина усвоени се 77 закони ,што е процент на реализација од 77 проценти.
- Програмата за усвојување национално законодавство се ревидира на почетокот на секоја година. Она што нема да биде усвоено во тековната, автоматски се префрла во наредната година. За 2009 од предвидените 100 заклучно со овие 37 усвоени се 77 што претставува процент на реализација од 77 проценти, највисок во досегашната национална практика на усвојување на законодавството. Доколку ги броиме како дел од програмата за 2010 година, од 103 закони усвоени се 37 и тоа претставува процент на реализација од 36 проценти пред истекот на првиот месец од 2010 година, појасни Наумовски.
Во врска со оценката на евроамбасадорот Фуере дадена вчера во Брисел дека реформите доцнат, Наумовски рече дека во редовната комуникација со него не слушнал таква оценка.
- Напротив, заедничка оценка и на Владата и на Делегацијата на ЕУ е дека реформите се одвиваат со предвидената динамика, а усвојувањето на овие закони е уште еден показател за тоа, рече вицепремиерот за европски прашања.
Тој прецизира дека Националната програма за усвојување на законодавството, која е објавена на интернет - страницата на Секретаријатот, опфаќа закони, подзаконски акти и други активности, а Македонија има една агенда - целосна интеграција во ЕУ.
- Според наши информации, сите закони што се усвоени се имплементираат соодветно, рече Наумовски.
Тој денеска информира и за неодамна склучената Спогодба за развојна соработка меѓу Република Македонија и Австрија, потпишана од австриското Сојузно министерство за европски народни прашања и СЕП од македонска страна. Средствата ќе бидат искористени за проекти во областа на животната средина, социо-економскиот развој и образованието. Имено, се предвидува директна поддршка за компаниите, НВО-секторот, за државните иснтитуции преку твининг-проекти, како и дополнително отворање на можноста за користење поволни заеми од Австриската банка за развој. Досега во рамки на оваа програма Австрија издвои над 35 милиони евра за Македонија.
Во рамки на идните активности на СЕП вицепремиерот Наумовски најави и продолжување на кампањите „Учиме за ЕУ“ и „Одиме локално“ кои согласно Стратегијата за информирање и комуникација со јавноста во процесот на пристапување на РМ во ЕУ за 2007-2010. Кампањата „Учиме за ЕУ“ за подигање на свеста на учениците и студентите за значењето на евроинтегративните процеси и реформите што се спроведуваат, ќе трае до крајот на годината и се предвидува со неа да бидат опфатени сите основни и средни училишта и факултети. Од нејзиниот почеток до декември 2009 година таа опфатила 112 основни училишта, 35 средни и 12 факултети. Досега се посетени седум општини, за периодот февруари-април се планира да се посетат уште 11, а до крај на 2010 година преостанатите општини.
Новина оваа година е и доделувањето награда за најдобар напис за евроинтеграциите на актуелна тема во ЕУ или поврзана со евроинтеграцијата на Македонија. - Наградата ќе се однесува на четири категории-пишани медиуми, радио, ТВ и интернет, а ќе бидат доделени три награди - прво, второ и трето место. Награда за најдобриот е повеќедневен престој во Брисел-седиштето на ЕУ со можност за интервјуирање на претствници на Унијата. Конкурсот ќе биде отворен од 1 февруари, ќе трае до крајот на мај, а изборот од доставените стории ќе го изврши стручна комисија.


