» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Во Грција до петок само пеш
Гевгелија, 16 февруари - На Граничниот премин Богородица и покрај блокадата за меѓународен сообраќај кон Грција поради штрајкот на грчките цариници, што почна утринава во шест часот, сепак има промет на патници кои пеш ја преминуваат границата со уредни патнички исправи.
Ваквата можност до 15 часот ја искористиле повеќе од 1.800 лица и во двата правца, на влез и излез од земјата. Станува збор претежно за стопанственици со неодложни работи во Грција или грчки бизнисмени кои имаат свои производни погони во Гевгелија, Богданци и други општини од Македонија, но и традиционалните казино посетители од соседството.
Во меѓувреме, во бесцаринската меѓугранична зона на преминот Богородица веќе останаа заглавени 50-тина товарни возила, со тенденција нивниот број да се зголеми поради најавата за 72 часовен штрајк на грчките царински служби, до петок во 06 часот. Се работи за транзитни товари кои влегле во Македонија во изминатите 24 часа и според македонските царински прописи мора да ја напуштат земјата за да не подлежат на дополнителни царински давачки.
Слободен проток на патничкиот трансфер меѓу Грција и Македонија се остварува и кај железничкиот сообраќај, но само со усилби на грчките железнички служби. Денешниот меѓународен воз за Грција беше пропуштен до Идомени, од каде со претовар патниците го продолжиле патот до Солун со друг грчки воз со цел да се избегне царинската контрола на меѓународната железничка композиција. Под целосна блокада, пак, е товарниот железнички сообраќај. Од утрово во 6 часот кога започна блокадата, па до сега, на Железничката станица во Гевгелија пристигнале два меѓународни транзит воза кои останаа да чекат влез во Грција.
Штрајкот на грчките цариници и блокадата на товарниот сообраќај треба да заврши в петок.


