» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Во Скопје осум катни гаражи
16:15 | 31.01.2010 | Автор: МИА
Владата, Градот Скопје, Општина Центар и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор денеска најавија активности за реализација на заеднички проект за изградба на осум катни гаражи во центарот на Скопје, за кои градбата се планира за почетокот на 2011 година.
Со изградбата на осумте катни гаражи ќе се обезбедат околу 3.000 паркинг места, а вкупната инвестиција ќе се движи од 25 до 30 милиони евра, информира вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски по средбата во Владата, на која присуствуваа премиерот Никола Груевски, директорот на ЈПССДП Владимир Бахчовановски и градоначалниците на Скопје и на Општина Центар Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ.
Од предвидените осум катни гаражи, четири ќе гради ЈПССДП, две Градот Скопје и две Општина Центар. Локациите на кои ќе се градат гаражите во најголем дел се на државно земјиште, кое Владата ќе го додели на општините. - Во соработка со општинските власти очекуваме до крајот на годината да заврши расчистувањето на имотно-правните односи и распишувањето тендери за изработка на проекти и нивната изработување, за да во 2011 почне конкретна изградба, најави вицепремиерот Пешевски.
Катните гаражи што ќе ги гради Градот Скопје ќе бидат лоцирани кај Беко и кај Старата железничка станица спроти Аутомакеоднија. - За тие две локации градот веќе распиша тендер за идејно решение и очекуваме на почетокот на 2011 да почне градбата. Со тоа ќе се намали проблемот со паркирање во Градот Скопје, како едно од нашите предизборни ветувања, рече скопскиот градоначалник.
На локацијата кај Беко со 26.000 метри квадратни корисен простор ќе се гради седумкатна гаража со висина од 21 метар, која треба да обезбеди со 800 до 900 паркинг места, а предвиден е и деловен простор. Катната гаража кај Старата железничка станица е со површина од 30.000 метри квадратни на кои се предвидени 1.000 паркинг места. Инвестицијата за двете катни гаражи ќе чини по 7-8 милиони евра, кои Градот Скопје ќе ги обезбеди преку кредити, во соработка со Градски паркинг кој ќе стопанува со катните гаражи.
Тендер за идеен проект од понеделник ќе се распише и за катните гаражи што ќе ги гради ЈПССДП, лоцирани од левата и десната страна на АД Мепсо и ЕЛЕМ, Скопскиот театар и Работничкиот универзитет. На тие локации, соопшти Бахчовановски, би се овозможиле околу 1.300 паркинг места доколку би биле класични гаражи, но ако се примени систем на лифтовско паркирање можеби би добиле плус 500 паркинг места.
Локациите на катните гаражи што ќе ги гради Општина Центар се зад Државниот архив кај МТВ и до зградата на Нова Македонија, а ќе обезбедат по 400 паркинг места. Бројот на паркинг места, како и цената ќе се прецизира по изготвување на изведбениот проект.


