Жичарницата ќе ги пресели птиците

Ерозијата ќе се спречи со нискостеблеста вегетација, која ќе ги замени исечените дрвја

21:00 | 24.02.2010 | Автор: Шпиц

Растерувањето на птиците на Водно би било единственото негативно влијание од изградбата на жичарницата. Анализите на биолозите и стручњаците покажале дека изградбата на трасата на жичарницата ќе доведе до раселување на птиците од овој дел од парк-шумата Водно.
Од Министерството за транспорт и врски, кои се задолжени за изготвување стручна оценка на животната средина за овој проект, тврдат дека изградбата на жичарницата нема да предизвика ерозија на земјиштето.
- Ерозијата ќе биде спречена со уредувањето на трасата, односно со садење нискостеблеста вегетација, која ќе ги замени исечените високи дрвја - тврди Љубомир Ивановски, еден од учесниците во проектот.
Според него, негативни влијанија се очекуваат за време на градежните работи, но долгорочно овој проект ќе влијае врз развојот на туризмот и угостителството, намалување на возилата на Водно што значи и намалување на емисијата на штетните гасови и развој на социо-економските услови.
- Единствено за време на градежните работи се очекува бучава, прашина, зголемена фреквенција на возила и емисија на штетни гасови - рече тој на презентацијата на оценката за животната средина.
Метежот од автомобили се очекува да се среди со изградба на надземни и подземни гаражи, кои ќе бидат хортикултурно уредени.
Еднојажната жичарница со кружен тек ќе се движи на трасата Скопје - Водно, за што е предвидено да се расчисти теренот по осум метри од левата и од десната страна. Почетната станица на жичарницата ќе биде кај црквата „Св. Јован” во Капиштец, а крајната, на врвот на Водно кај Милениумскиот крст. По оваа траса е предвидено да се патува десет минути. Кружната жичарница ќе превезува 1.200 патници на час, а кабините се предвидени за осум патници.

Тагови (карактеристични поими за веста):
Водно | Скопје |