» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Од дијабетес право на дијализа
21:00 | 11.03.2010 | Автор: Шпиц
Не чувствував никакви болки. Иако имав камења во бубрезите, немав никакви проблеми. Но, одеднаш почнав секојдневно да имам висока температура и воспаление на ушите. Температурата никако не се смируваше, 20 пати ми зедоа крв, за да се открие која бактерија е во прашање. Но, без успех. Две години ме следеа и на крај лекот беше дијализа, ни раскажува 56-годишната Марика, која веќе седум години е на дијализа.
Околу 1.250 пациенти во Македонија моментално се приклучени на дијализа, околу 30 се трансплантирани, а бројот на бубрежно болни секоја година се зголемува од 40 до 50 пациенти на годишно ниво, беше кажано вчера на одбележувањето на Светскиот ден на бубрезите под мотото „Контролирај го дијабетесот - заштити ги бубрезите“.
Спиро Мицоски, претседател на здружението на бубрежно болни „Нефрон“, рече дека во Македонија има над 120.000 заболени од дијабетес и сите се потенцијални пациенти да станат бубрежно болни.
- Оваа акција е со цел превенцијата да биде на прво место, да се намали бројот на заболени и да се контролираат шеќерот во крвта, креатининот и уреата, кои се основни показатели за да се утврди функцијата на бубрезите. Ќе настојуваме да се применат што повеќе стандардите за дијализа, да може да се подобрат условите во центрите, да се обноват и реновираат и да се донесат нови апарати - истакна Мицоски.
Тој изрази надеж дека ќе профункционира јавното приватно партнерство за да може скопските пациенти да се дијализираат во Скопје и очекува тоа да се случи брзо. Според Мицоски, сите тие пациенти не можат да бидат сместени во болниците каде што живеат и каде нема места за дијализа и сите мора да одат на дијализа во Струга.
Државниот секретар во Министерството за здравство, Зоран Стојановски вели дека имаат стратегија за подобрување на здравствената нега на оваа категорија пациенти и оти за три месеци ќе стигнат 20 нови дијализатори и седум нови апарати за реверс на осмоза.
- Како Министерство ќе ја поддржиме стратегијата поттикната од невладината организација „Нефрон“ да се помогне во раната детекција на пациентите кај кои постои висока ризичност да добијат бубрежна инсуфициенција. Тоа се пациентите кои имаат дијабетес, како една од болестите која е предуслов за потребата од дијализа. Подготвуваме една стратегија да го јакнеме примарното здравство каде што најбрзо ќе се детектира гликемијата - рече Стојановски.
Тој додаде дека тендерот за јавно приватно партнерство уште не е распишан, бидејќи приватниот партнер не покажал конкретна заинтересираност во тој аспект, при што мора да се направи уште една анализа за чинење една дијализа, која доколку им одговара на двете страни, ќе се објави тендер.
Патните трошоци на сметка на Фондот
Доколку осигурениците што имаат потреба од третмани за хемодијализа користат превоз каде што има организиран јавен превоз, им се надоместуваат патните трошоци во висина на патниот билет на јавниот превоз. Доколку, пак, во местото на живеење на осигуреникот не постои организиран јавен превоз, Фондот за здравство ќе надоместува патни трошоци по километар. Ова важи за оние населени места каде што самата здравствена установа во која се изведува хемодијализата нема организирано сопствен превоз за потребите на пациентите, се вели во соопштението од ФЗОМ.


