» Најкоментирани од последната недела:
Патот Маврово - Дебар, во прекин до 13 часот
Сообраќајот на патниот правец од Маврово кон Дебар повторно е во целосен прекин од 10 часот утринава за сите моторни возила, поради расчистување на наносите од лавината која падна синоќа во близина на манастирот Св Јован Бигорски, информира СВР Тетово.
Екипи на ЈП „Македонија пат“ околу седум часот изутрината оспособија една лента за сообраќање на лесни патнички возила. Расчистувањето на втората коловозна лента треба да заврши околу 13 часот, по што се најавуваат услови за повторно сообраќање на патот.
Лавината, која е на истото место каде што беше големиот одрон пред еден месец, беше со околу две илјади кубни метри, главно снег, во должина од стотина метри и висина петнаесетина метри, информира Астрит Чутра, од дебарската секција на ЈП „Македонија пат“.
Поради снежните врнежи и лошите временски услови во полошкиот регион, во изминатото деноноќие се регистрирани вкупно седум сообраќајни незгоди од кои само во еден случај имало полесно повредени.
Автомотосојузот на Македонија соопшти дека сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ Македонија се одвива отежнато во зимски услови, по влажни и лизгави коловози поради врнежи од снег. Забрани за тешки товарни возила има на планинските превои Стража, Маврово, Буково, Ѓавато и патните правци Крива Паланка - Деве Баир и Струга - Ќафасан.
Сообраќајот на патниот правец Ресен-Битола преку планинскиот превој Ѓавато сеуште се пренасочува по стариот пат Р-106 (од Ресен кон Битола) во должина од 5,5 километри.
На возачите им се препорачува крајно внимателно возење, прилагодување на брзината на движење на влажните и лизгави коловози и одржување на потребното растојание помеѓу возилата. Особена внимателност е неопходна низ клисурите и планинските превои, каде е почеста појавата од одрони и лизгања на земјиште. Тоа особено се однесува за патните правци Маврово – Дебар и Катланово - Велес. Интензитетот на сообраќај е умерен надвор од градските средини. На граничните премини нема подолги чекања.


