Средба си е средба, ама измените на писмено

21:30 | 11.03.2010 | Автор: Влатко Стојановски

Зголемен број судии избрани од судии на тајно гласање, односно нивниот број од сегашните 15 да се зголеми на 17 или 19, да им се скрати мандатот од 6 години и министерот за правда да не е член на Судскиот совет.
Ова го побара ВМРО-ДПМНЕ во име на владејачката коалиција од лидерите на најголемите партии на вчерашната едночасовна средба на која се разговараше за уставни промени во делот на статусот и надлежностите на Судскиот совет.
Според премиерот Никола Груевски, целта на оваа иницијатива е да се зајакне независноста и да се зголеми ефикасноста на судскиот систем. Тој истакна дека овие барања ДПМНЕ ги предложило уште во 2005 година како опозициска партија.
- Поради овие барања, ние во 2006 година не ги поддржавме уставните измени, кои, тогаш СДСМ со помош на ВМРО-Народна и некои други партии успеаја да го соберат потребното мнозинство и да ги изгласаат - изјави Груевски веднаш по средбата.
Бранко Црвенковски, првиот човек на СДСМ, ја потенцира сериозноста од процедурата за измена на највисокиот закон - Уставот. За да се избегнат разни лицитации и листи на желби, како што вели тој, потребна е добра подготовка.
- Ако се бара широк консензус, тогаш, во најмала рака, предлог-измените треба да се доставаат во писмена форма, што ни беше ветено - рече Црвенковски.
Црно на бело побарал и Али Ахмети од ДУИ во врска со барањето за воведување на принципот на Бадентер во Уставниот суд од страна претседателот на Нова демократија, Имер Селмани.
- Поддржувам секаква идеја во насока на транспарентно судство надвор од политички влијанија, но сметам дека е потребно Бадентерово гласање во рамки на Уставниот суд - посочи Селмани објаснувајќи дека тоа би било во духот на Рамковниот договор и би се избегнала мајоризација на една етничка заедница.
На ова премиерот Груевски возврати дека освен тоа што Бадентер не се споменал за време на изготвувањето на Рамковниот договор, исто така, во него на ниту едно место не може да се најде одредба која условува двојно гласање при одлучувањето на Уставниот суд.
Единствениот кој не ги пренесе своите впечатоци од лидерската средба беше албанскиот коалициски партнер во владата, ДУИ.
- Ќе имаме уште средби - кратко изјави пратеникот Џеват Адеми.
Сепак, од средбата произлегол заеднички заклучок лидерите на партиите повторно да се состанат откако ќе биде готов предлог-амандманот.


Измените на Деловникот во застој
Груевски напомена дека на средбата станало збор и за измените на Деловникот во Собранието, но како што посочи тој, СДСМ барал повеќе од договореното.
- СДСМ бара работи што ги нема во Венецијанската комисија на чии принципи треба да се базира Деловникот - рече Груевски.