» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Првиот училиштен час се вика бојкот
Група од околу педесет гневни родители протестираа пред основното училиште „Владо Тасевски“ во скопската населба Козле, барајќи целодневна настава
10:00 | 02.09.2010 | Автор: Петре Ристовски
Учебната година во сите средни и основни училишта во државава почна вчера, но уште на стартот наталожените проблеми излегоа на површина. Додека министерот за образование Никола Тодоров, заедно со амбасадорот на НАТО во Македонија Хозе Луис Хереро и вицепремиерот Абдулаќим Адеми се фотографираа и се смешкаа на отворањето на новото училиште во тетовското село Прељубиште, група од околу педесет гневни родители протестираа пред основното училиште „Владо Тасевски“ во скопската населба Козле, кое има најголем број ученици во општината. Тие се незадоволни од односот на новонаименуваната директорка на училиштето, Ирена Кофиловска, и од Министерството за образование што не сакаат да се заложат учениците од четврто одделение да имаат целодневна настава, како што е практиката во останатите девет основни училишта во општината. Родителите најавуваат дека нема да ги пуштат децата на училиште се додека не се реши овој горлив проблем за нив, кој ги засега и оние родителите чии деца во следната година ќе ја имаат истата потреба од дополнителна настава.
- Цела година водиме битка да се направи комуникација меѓу институциите за да можат нашите деца (две одделенија со вкупно 42 деца), по часовите кои им траат до 12 часот да имаат целодневна настава зашто најголемиот дел од родителите до 16 часот сме на работа, а нивото на развој на децата кои се во деветтолетката и имаат по 8-9 години не дозволува да ги оставиме сами дома - велат загрижените родители, кои истакнуваат дека и во минатата година го имале истиот проблем во трето одделение, но со притисок го решиле. Родителите се гневни и на Министерството и на општината, кои си ја префрлаат одговорноста и велат дека главен проблем се финансиите, па тие не одобруваат средства за уште ден наставник.
Директорката на училиштето, вчера, поради големиот број првоодделенци и предвидената програма, не можеше да даде изјава за медиумите, но бидејќи беше предупредена за бојкотот на родителите, обезбедувањето не ги пушташе новинарските екипи да влезат во училиштето.
Првиот училиштен ден вчера не беше проблематичен за сите ученици, затоа што 23.000 првачиња во Македонија, за првпат седнаа во училишните клупи и ја почувствуваа возбудата која беше видлива на нивните лица. Покрај нив, летниот одмор вчера заврши и за 212.000 основци и за 94.000 средношколци, кои и годинава е планирано да добијат бесплатни учебници, но за нив, според најавите од министерот Тодоров, ќе почекаат до крајот на месецов. Скопскиот градоначалник Коце Трајановски и вицепремиерот за европски прашања, Васко Наумовски, на првиот училиштен ден беа во посета на скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“ и на реновираното основно „Гоце Делчев“ во Прилеп, а проблемите со просторот на учениците кои посетуваат настава во училиштето „Бајрам Шабани“ во Куманово продолжува и според локалната власт ќе потраат до почетокот на октомври.


