» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Албанија создава „бугарско малцинство“
Македонците не можат да го учат сопствениот јазик во Албанија, додека Албанците во земјава имаат целосно право на школување на мајчиниот јазик. Тоа е крајно нефер, вели професорот Стеван Влахов Мицов
21:00 | 11.02.2010 | Автор: Влатко Стојановски
Албанија во договор со Бугарија сака да создаде бугарско малцинство во својата држава, претпоставува универзитетскиот професор Стеван Влахов Мицов. Толкувајќи го прекинувањето на курсевите за изучување на македонски јазик во Голо Брдо, Албанија, Влахов Мицов вели дека голема е веројатноста овие две држави да прават некакви комбинаторики врз грбот на Македонија заради сопствени интереси.
- Бугарското ВМРО на Каракачанов собира пари за да изгради бугарско школо во Тирана во кое би учеле 400 „Бугари“. Всушност, тоа би требало да бидат бугаризирани Македонци - изјави Влахов Мицов, кој целата ситуација ја оцени како нарушување на основните човекови права на малцинствата.
Тој и порачува на македонската влада многу сериозно да го сфати ова прашање бидејќи е комплексно и двострано. Според него, властите од земјава треба да седнат на маса до албанскиот врв и да се договорат како две земји кои декларираат дека имаат добри меѓусоседски односи.
- Додека Македонците не можат да си го учат својот јазик во Албанија, Албанците во Македонија имаат целосно право да го учат мајчиниот јазик. Истовремено, Албанците во Македонија се бунат против изучувањето на службениот јазик во земјата во која живеат. Па тоа го нема никаде. Тоа е крајно нефер од албанската држава и од Албанците - објаснува тој.
Инаку, од Обединетата македонска дијаспора изразуваат загриженост што Министерството за образование по сугестија на албанската разузнавачка служба „ШИШ“ нареди прекин на курсевите за македонски јазик нарекувајќи ги нелегални.
- Спречувањето на образованието на македонските деца на мајчин јазик, дури и кога трошоците за тоа ги плаќа македонската заедница, а не албанската влада, ја става Албанија надвор од демократската правна практика - вели Стојан Николов, член на управниот одбор на ОМД.
Дијаспората ја повикува владата на Албанија веднаш да ја прекине дискриминаторската забрана за изучувањето на македонскиот јазик во основните училишта во Голо Брдо.
Партијата на Македонци во Албанија - Македонска алијанса за интеграција, е коалициски партнер во владата на албанскиот премиер Сали Бериша. Сепак, изучувањето на македонскиот јазик е дозволен само во Мала Преспа и во Тирана, и покрај тоа што со коалицискиот договор било утврдено слободно изучување и во Голо Брдо.
Од партијата стравуваат дека на пописот идната година нема да можат да се изјаснат како Македонци бидејќи уште од сега почнале заплашувањата да не го прават тоа. И покрај ветувањата на Бериша, единствена надеж полагаат во Советот на Европа, кој веќе и наложи на Албанија да ги почитува правата на сите малцинства.


