» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Американците ни го изедоа гравот
Во американското гратче Пинсон, во сојузната држава Алабама, во саботата беше поставен нов Гинисов рекорд во најголем котел со приготвен грав. Настанот беше дел од фестивалот „Алабама Батербин“, кој секоја година се одржува од 3 до 5 септември. Имено, организаторите три години го планирале овој потфат, па откако исконтактирале со официјалните лица од Гинис им било посочено дека сличен таков потфат бил организиран во Македонија.
Тогаш настанала вистинска драма. Котелот, во кој требало да биде соборен рекордот, бил помал од тој во Македонија, па набрзина бил порачан нов и сево ова станал своевиден предизвик. Тогаш, освен поголем котел, било потребно и поголемо огниште и поголемо количество од состојките потребни за рецептот. Но, сепак, организаторите веднаш се погрижиле за тоа и со навремена реакција се било подготвено за главниот настан. За целокупниот период додека се вршени подготовките и за времетраењето на главниот настан биле присутни официјални лица од Гинис, кои контролирале дали бројките објавени од организаторот се реални. Во петокот вечерта бил поставен казанот со гравот и сите дополнителни мирудии крчкале се до три часот попладне по локално време, се додека не било сварено и последното зрно грав. Тогаш официјално судиите од Гинис го прогласиле нивниот подвиг за нов рекорд и набрзо им бил издаден сертификат, по што сите се нафрлиле на стометарската маса на која било послужено јадењето. Новиот Гинисов рекорд изнесува 3.820 литри, додека тој поставен во Сарачино пред неполн месец изнесува 3.150 литри. Количеството грав, кој се варел бил 907 килограми за разлика од македонското за кое беа употребени 400 килограми. Интересна е и изјавата на главниот организатор на настанот Фил Симс, кој напоменал дека откривањето на рекордот од Македонија влијаел како дополнителен стимул за сите добро да си ја завршат работата и да докажат дека Американците имаат поиздржливи стомаци од Македонците. Завршната порака на организаторот била да не се лутат нивните македонски колеги и дека очекуваат „ударот“ да биде возвратен.


