Ангела ја киднапираа, нас не прават луди

Родителите на исчезнатото девојче обвинуваат за голем криминал и велат дека се кријат докази, но се уште не веруваат дека пронајдените детски остатоци се од нивното чедо

21:45 | 05.02.2010 | Автор: Шпиц

/ Ангела е киднапирана, вмешани се големи луѓе потпомогнати од полицијата, а нас не прават будали. Прво, полицијата да си го исчисти ѓубрето, подмитените полицајци кои работат заедно со мафијата, а потоа да не ги прават родителите малоумни.

Со овие тврдења излегоа вчера родителите на малечката Ангела Ѓорѓиоска, која пред 6 месеци беше исчезната од селото Дуње. Таткото Борка и мајката Анастасија велат дека детето е земено од селото.

На денот на исчезнувањето, на 23 јули, низ Дуње поминале со автомобил Албанци трговци кои купувале овни и сирење. Ангела не можела да стигне до врвот на планината кај селото Пештани, Мариовско, каде што се најдени детски влечки, коса и коски, велат тие.
- Ангела од тука е крената од земја. Ангела е грабната од некој, кој е силно поврзан со власта, штом толку се кријат докази. Во селото тогаш дојде зелен автомобил со странски таблички и бараа сирење. Се е лага, грабната е, мене ме прават дека сум луда. Од селото не верувам дека има некој сомнителен. Цело време не прават будали и малоумни. И тоа што им го дадов како доказ го скрија, а врз основа на тоа што го скрија ме направија умоболна. На 3 август дадов изјава со медицински лица и ми рекоа дека не е така, лакарски преглед ми направија. Ангела е жива, тоа го знам во себе! - вели мајката Анастасија.

Таткото Борка не верува дека остатоците што се најдени кај месноста Самовилец се од Ангела. Тој тврдеше дека кучето-трагач одело само до црквата и се враќало.

- Зошто полицијата оди сама, зошто и мене не ме викаат. Се е лага. Сакаат да го забошотат делото - вели таткото Борка.

Дека во селото имало посета од автомобили, потврдува и Ѓоре Даноски.
- Работев и не го видов, но слушнав дека автомобил со приколка мина низ селото кон Дуње, оти многу тропаше празната приколка. Имало Албанци кои купувале бравови (овни) од Пештани, а кога се враќаа не ги видов. Но, дека Ангела е ставена во црн џип сведочеше и 82-годишната Марија од селото. Кога дала изјава во полицијата, таа не знаела да каже во колку часот било тоа, па полицајците не и верувале. Во Дуње има 6-7 ергени, меѓу кои сум и јас, но не верувам дека некој би направил нешто такво - вели Даноски, жител на Дуње.

Во Дуње има 7-8 возила.

Мајката Анастасија во август изјави дека само по неколку дена од исчезнувањето, полицијата со налог извршила претрес во куќата, барајќи пари.

Коските, косата, деловите од облека од детски труп беа пронајдени во неделата од ловџии во близина на селото Пештани, кое е соседно село на Дуње.