Болните бебиња ги доразболевме во „Јане Сандански“

09:00 | 09.09.2010 | Автор: Ирена Мулачка

Револтирани лекари, разочарани пациенти, поплавени ординации, уништени медицински апарати и без струја. Вака по два дена изгледа поликлиниката „Јане Сандански“ во скопската населба Аеродром. Откако цел викенд повеќе од 50 ординации беа поплавени, бидејќи бугарската фирма која ги изведувала градежните работи остави поголем дел од објектот непокриен, конечно во јавност се појави и министерот за здравство Бујар Османи. Додека шетавме низ поликлиниката и по два дена, вода протекуваше низ ѕидовите од едниот на другиот кат. Пациентите трчаат од ординација во ординација. Мајки со деца, болни луѓе, пензионери и вчера беа враќани и препраќани во други поликлиники. Поразговаравме со неколку од нив, кои не го криеја својот револт. - Три дена доаѓам и три дена ме враќаат. Јас имам 65 години и не можам по сто пати да ме препраќаат натаму-наваму. Како можеа да ја уништат поликлиниката. Треба да се засрамат, не знаат да си ја вршат работата - објаснува пензионерот Стојан. Разочарани беа и другите пациенти, кои не знаеја ниту од каде да влезат ниту од каде да излезат. - Јас дојдов само да прашам дали, конечно, ќе може некој моето бебе да го види, но како што гледам, овде нема услови за никаква работа. И нормално секогаш се е на грбот на пациентите - разочарано изјави 35-годишната скопјанка Маријана. Лекарите кои за време на викендот дадоа изјави за медиумите, од вчера добија забрана дека повеќе не смеат јавно да зборуваат за проблемите со кои се соочува клиниката. - Имам многу работи кои сакам јавно да ги кажам, но ми забранија да зборуваме. А нема што ни да се каже. Самата слика кажува се. Се е поплавено и уништено. Градежна фирма која работи со години, да не знае како да си ја врши работата и да ги остави пациентите без лекување - коментираше лекарка, која сакаше да остане анонимна. Градежниот инженер со кого поразговаравме ни објасни дека прво не е логично да се открие целиот објект без да стигне лимот кој требало да биде заштита од ненадеен дожд. Министерот за здравство Бујар Османи, откако помина викендот, се појави во поликлиниката „Јане Сандански“ и се пофали дека тој ги координирал работите однадвор и дека сите мерки се преземени по негова иницијатива. - Не е битно моето лично присуство, туку како се координирани активностите за да се завршат што побрзо работите. Очекуваме што побрзо да се завршат сите санациски работи, интензивно се работи, а службите на Министерството за здравство се 24 часа во поликлиниката, како и во неколку десетици амбуланти каде што се одвиваат градежни работи од поголем обем. Штетата во поликлиниката ќе ја надомести фирмата изведувач „ГБС“ од Благоевград - тврди Османи. Тој додаде дека е формирана Комисија во која се вклучени сите концесионери и дека целата штета ќе биде надоместена. Лазар Трајчев, директор на правниот сектор во Фондот, изјави дека санацијата ќе биде брза, а пациентите во меѓувреме ќе одат кај замената на секој избран лекар. Од друга страна, Слободан Дончевски, управникот на поликлиниката, истакна дека освен стоматологијата, гинекологијата и трудовата медицина, сите одделенија се во функција - општата служба, лабораторијата, специјалистичките ординации, како и ноќната служба. Живомир Василев од „ГБС Благоевград“ тврди дека фирмата најпрофесионално ја извела целата постапка, но поради лошите временски услови заштитната најлонска покривка летнала, што придонело да дојде до поплава. Пред два дена поради грешка на бугарската фирма изведувач, целата поликлиника беше поплавена, а реконструкцијата на болницата спаѓа во првата фаза, која опфаќа реконструкција на 20 јавни здравствени установи, а кои досега беа одложувани повеќе пати.