Бошкоски: Ќе фрчат притвори за власта

09:00 | 06.09.2010 | Автор: Шпиц

Кога премиерот Никола Груевски ќе падне од власт, ќе се апсат неговите соработници, се закани во саботата ексминистерот за внатрешни, Љубе Бошкоски.
- Ги повикувам министрите од владата на Груевски да не веруваат во неговите приказни дека нема да бидат гонети. Го предупредуваме младиот министер дека ќе одговара за 22 штетни договори за кои за секој од нив е предвидена затворска казна од 10 години. Тоа што го манипулираш македонскиот народ е познато, но не ги манипулирај твоите министри, директори и други функционери дека нема да одговараат за криминалот што ги прават за Вас и за Вашата фамилија - му порача на Груевски, претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.
Од партијата на Бошкоски не сакаат да прецизираат на кого мисли нивниот лидер кога зборува за млад министер, кој со свој потпис верификувал криминал тежок милиони евра. Велат дека тој самиот ќе се препознаел. Неделава и претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, коментирајќи го неприфаќањето на власта, Собранието да формира посебна комисија која ќе се занимава со начинот на кој министрите и функционерите ги трошат народните пари им се закани на соработниците на Груевски. - Ако оваа власт решила да краде, а решила да краде, тој проблем не може да се реши со собраниска комисија, туку со промена на власта - изјави лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Тагови (карактеристични поими за веста):
|