Цел Балкан го бара Лирим Јакупи-Нацист

09:00 | 09.09.2010 | Автор: Шпиц
Македонските власти ќе бараат од Косово итна екстрадиција на озлогласениот Лирим Јакупи-Нацист, откако пристигна информацијата дека еден од најбараните криминалци на Балканот, роден во Бујановац, е уапсен во стан во Приштина и покрај него се пронајдени калашњиков, два пиштоли и две гранати. По Јакупи има испратено потерница од македонското Министерство за правда и тие бараат негова екстрадиција, но таа е неизвесна затоа што тој е косовски државјанин кој е осуден и во матичната држава. Сличниот проблем го има и Србија, со оглед на фактот дека Јакупи извршувал кривични дела и таму. Тој се наоѓа во дводневен притвор, а на македонската јавност и стана познат во 2004 година, по случувањата во Кондово кога ранет успеа да и избега на полицијата. Нацист вторпат успеа да и побегне на полицијата и во 2007 година од тетовското село Бродец при организирањето на полициската акција „Планинска бура”, кога беа убиени шестмина негови соработници. Јакупи е осуден од Тетовскиот суд на 15 години затвор во отсуство, затоа што во стан во Тетово отворил оган врз полициска патрола при што тешко беше повреден полицаец, а студент загина. Дебелото криминално досие на Јакупи-Нацист, кое брои киднапирање, убиства и тероризам, се надополнува и со тоа што во август 2007 година успеа заедно со уште шестмина криминалци да побегне од косовскиот затвор „Дубрава”, каде што требаше да одлежи четириесетгодишна затворска казна.