Чистка во Канал 5!?

Откако Мартин Протоѓер од ВМРО-ДПМНЕ се појави во телевизијата почнаа да се прават списоци на неподобни новинари и почнаа политичките притисоци и опструкции врз сите оние кои сакаат да работат неутрално и објективно, вели за „Шпиц“ еден од новинарите, кој инсистираше да остане анонимен.

09:15 | 28.07.2010 | Автор: Влатко Стојановски

На осум познати новинари од телевизија Канал 5, меѓу кои Соња Петрушевска, Весна Ковачевска, Богданка Кузеска и Сања Момировска, им се заканува отказ наводно по наредба на Мартин Протоѓер, шеф на кабинетот на премиерот Никола Груевски, дознава „Шпиц“ од извори во оваа телевизија. До затворањето на весникот не добивме официјална потврда за ова иако според нашите извори решенијата за отказ требаше да им бидат дадени по 15 часот. Меѓу оваа група „неподобни“ новинари се и Соња Јовановска, Александра Мишевска, Христена Антовска и Александар Ивановски.
Иако, ниту еден од нив вчера не сакаше официјално да говори за отказните решенија, тие дознале дека ќе имаат средба со директорот на телевизија Канал 5, Иван Мирчевски, и главната и одговорна уредничка Лидија Богатинова, на која очекуваа да добијат решенија со еден месец отказен рок под наводно образложение дека телевизија има финансиски проблеми.
- Откако Мартин Протоѓер од ВМРО-ДПМНЕ се појави во телевизијата почнаа да се прават списоци на неподобни новинари и почнаа политичките притисоци и опструкции врз сите оние кои сакаат да работат неутрално и објективно. Често прилозите не се пуштаа во вестите, а кога и ги имаше не можевме да си ги препознаеме, зашто недостигаа многу реченици и контекстот се извртуваше - вели за „Шпиц“ еден од новинарите, кој инсистираше да остане анонимен. Директорот на телевизијата Иван Мирчевски само кратко ни рече да не го малтретираме. - Што има вам да ви кажувам со кого имам состаноци. Во А1 јавете се и прашајте кој со кого има состанок - ни изјави директорот на телевизијата. Дознаваме дека дел од споменатите новинари се на годишен одмор, па затоа нашите извори велат дека телевизијата намерно го искористила моментот за тој да мине со помала врева. Сепак, непосредно пред вчерашниот состанокот со менаџментот на Канал 5, дел од нив имаа надеж дека нема се да заврши црно по нивните работни места, па замолија да почекаме со официјална објава на имиња се додека овие информациите станат официјални. Но, доколку новинарите од Канал 5 ги добијат очекуваните откази, останува да видиме како ќе реагира Здружението на новинари (ЗНМ), чиј претседател Роберт Поповски е дел токму од телевизија Канал 5. Колку за потсетување, во почетокот на годинава дотогашниот директор на Канал 5 Виктор Грозданов ја напушти телевизијата. Како што се шпекулираше, Грозданов бил подложен на големи притисоци поради неговата блискост со Стевче Јакимовски, претседател на Градската организација на СДСМ. Инаку, пред три дена и новинарот Стојан Трпчевски направи трансфер од Канал 5 во Алсат од засега неразјаснети причини. Неодамна опозицијата посочи дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува вистинска тортура врз медиумите. Според СДСМ, актуелната влада им става етикети, ги уценува и директно ги попречува медиумите во информирањето на јавноста. За разлика од нив, од ВМРО-ДПМНЕ постојано посочува дека медиумите се необјективни, бидејќи известувале во корист на опозицијата.