Црквата на плоштад ги чека изборите

Лопатата на премиерот ќе заигра на скопскиот плоштад во првите денови од следната предизборна кампања, тврди Јани Макрадули, пратеник до СДСМ, кој додава дека моментно вмровците ја подзаборавиле црквата на плоштад бидејќи бегаат од избори. ВМРО-ДПМНЕ е без коментар.

10:00 | 09.09.2010 | Автор: Влатко Стојановски

Премиерот Никола Груевски ќе ги удри темелите на црквата „Свети Константин и Елена“ на централниот плоштад во Скопје првиот ден од предизборната кампања, тврди опозицискиот СДСМ. Градежната дозвола за овој црковен објект, што ја издава општина Центар истекла пред неколку месеци, а МПЦ-ОА, која е инвеститор на проектот, се уште не поднела барање за издавање нова дозвола. - За жал, власта ќе ја врати црквата во игра кога ќе има избори. Во моментот кога ќе почне првата кампања за парламентарни избори, премиерот Никола Груевски ќе се фати за лопата. Еден од лажните митови за овој ВМРО-ДПМНЕ е дека се големи верници, а гледаме за нив нема ништо свето, па ни градењето црковен објект. Единствено им требаше алатка во политичката борба - вели Јанки Макрадули, пратеник од СДСМ, кој е сигурен дека лопатата на премиерот ќе заигра на скопскиот плоштад во следната предизборна кампања. Тој оценува дека моментно вмровците ја подзаборавиле црквата на плоштад бидејќи бегаат од избори. Владејачката партија веќе два пати ја употребила црквата за своја кампања, па зошто тоа да не го направат уште еднаш, се прашува пратеникот од СДСМ?Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, не го коментира ова тврдење на социјалдемократите, со образложение дека нивото на политичка комуникација на Макрадули е прениско. Од партијата на Али Ахмети, пак, која е албански партнер во актуелната влада, велат дека не треба да се преземаат чекори кои ќе создадат тензии во рамки на меѓуетничките односи во земјава. - Не е дојдено време ниту за црква, ниту за џамија, бидејќи тие може негативно да влијаат во политичката клима во земјава. Секоја власт мора да води сметка за вакви чувствителни прашања - посочува Тахир Хани, координатор на пратеничката група на ДУИ.
Црквата на плоштад, која е дел од проектот „Скопје 2014“, предизвика неколку албански невладини организации и Исламската верска заедница да побараат изградба на Бурмали-џамија веднаш до кејот на реката Вардар. Имено, одлуката за изградба на верскиот објект е донесена во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ со ДПА на Мендух Тачи во периодот од 2006 до 2008 година. Но, тогаш меѓу нив било договорено да се изгради и џамија на плоштадот во Тетово.

Тагови (карактеристични поими за веста):
|