Дајте 100 евра до пензија!

Тие раскажуваат како Стојанов минатата година се договорил со Груевски, тоа што нему му требало си зел и ги оставил сами да си ја гледаат работата понатаму

21:30 | 02.03.2010 | Автор: Ема Николовска

Околу 300 стечајни работници од најавените 1.500 од цела Македонија, вчера штрајкуваа пред Владата со намера да ги добијат парите кои на почетокот на минатата година им ги вети премиерот Никола Груевски, по неколку средби со нив во Владата.
- Го знаете барон Минхаузен. Е па тоа е Груевски во нашава земја, најголемиот лажго, заедно со оној Стојан Стојанов, кој ни беше лидер минатата година - велат стечајците.
Тие раскажуваат како Стојанов минатата година се договорил со Груевски, тоа што на нему му требало си зел и ги оставил сами да си ја гледаат работата понатаму.
- Уште озгора ни се јавуваше пред да штрајкуваме и ни порачуваше да не сме штрајкувале, туку да сме преговарале. Тој си зеде што му требаше, па сега нас ќе не подучува - вели Димче Мачавеловски од Велес, стечаец од фабриката „Порцеланка“.
Стечајците ги посети и лидерот на партијата Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, кој им порача дека доколку дојде на власт, има решение за нивниот проблем.
- Ќе го решам вашиот проблем во рок од три месеци ако дојдам на власт, а на сегашнава влада и порачувам наместо да троши пари на непродуктивни работи, да обрне повеќе внимание на реалните проблеми во државава - изјави Бошковски.
На преговори во Владата беше водачот на стечајните работници, Лилјана Георгиевска, која по излегувањето кажа дека ништо не се сменило со преговорите и најави повторно дека ќе протестираат идниот вторник.
Од друга страна, пак, владејачката ВМРО-ДПМНЕ изјави дека добила информации оти СДСМ со своја логистика учествувала во подготвувањето на протестот на стечајците, изјави портпаролот на партијата, Александар Бичиклиски. Тој потенцира дека и покрај помалата бројка на реално загрозени и загрижени граѓани, поголемиот број од присутните се членови на СДСМ, кои добиле задача од својата партија да присуствуваат на овој протест.
- Партијата која го создаде проблемот со стечајците и која избрка од работа над 230.000 луѓе во текот на најмрачната транзиција, денес се обидува да ја злоупотреби маката на истите луѓе - нагласи Бичиклиски.
Стечајците што штрајкуваа вчера, бараа лицата кои имаат над 15 години работен стаж и старост над 53 години за мажи и 50 за жени да добиваат по 100 евра месечно.