» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Државата ги заборави Македонците во Нов Зеланд
Досега никој не им се јавил да ги информира дали педесетината Македонци се добро, дали се сместени во некое засолниште или им треба некаква помош.
Педесетина македонски семејства, иселеници во новозеландскиот град Крајстчрч, кој во саботата беше погоден од катастрофален земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала, се оставени на улица. Македонските власти досега не презеле никакви мерки за помош на нивните семејствата во Македонија и не добиле информација за тоа како се нивните роднини и пријатели. Единствено добиваат информација од она што ќе го видат на телевизија. Според нив, досега никој не им се јавил да ги информира дали педесетината Македонци се добро, дали се сместени во некое засолниште или им треба некаква помош. - Нема жртви во земјотресот, има само материјални штети. До сега немаме сознанија дека некои од тамошните Македонци претрпеле сериозни штети. Нивните имоти и бизниси се осигурени и за какви било последици од земјотресот ќе бидат обесштетени - изјави Иван Џо Петрески, претседател на здружението Матица на иселеници од Македонија. Тој додава дека до вчера во здружението немало никакви јавувања од пријатели и блиски на семејствата кои се во Нов Зеланд. - Паниката на сите жители во погодениот град е нормална реакција по земјотресот, но важно е дека нема загинати. Досега кај нас никој не се јавил да извести за каква било неприлика или жртва, што вообичаено се случува кога има такво нешто - вели Петрески. И во Министерството за надворешни работи потврдија дека до вчера немале информации за евентуални жртви на Македонци или какви било штети од земјотресот во Нов Зеланд.
Земјотрес со јачина од 7,1 Рихтерови степени го погоди новозеландскиот град Крајстчрч во саботата во 4.35 часот по локално време. Направена е голема материјална штета од фасадите, кои паѓајќи на улиците искршиле автомобили и ги блокирале патиштата. До вчера се јавиле неколку повредени лица, од кои само двајца биле посериозно повредени. Во земјата е прогласена вонредна состојба, а голем дел од регионот е без електрична енергија. Материјалната штета е голема и може да достигне повеќе од милијарда евра. Градот Кристчрч, кој е втор по големина во Нов Зеланд, има 340.000 жители. Вистинско чудо е, велат тамошните жители, што нема загинати. Во Нов Зеланд годишно се регистрираат 14.000 земјотреси, од кои 20 надминуваат пет степени. Во последниот земјотрес со јачина 7,1 степени што се случи во 1968 година имаше тројца загинати.


