Енигмата за Ангела продолжува

Нови бури и сомневања во срцата на родителите на исчезнатото девојче Ангела Ѓорѓиоска од селото Дуње

21:30 | 08.02.2010 | Автор: Петре Ристовски

/ Иако беше најавено дека вчера ќе има првични резултати од целокупната анализа на пронајдените детски коски и остатоци од облека кај мариовското село Пештани, од судската медицина кога се јавивме не истакнаа никакви нови моменти за остатоците од детскиот труп пронајдени во минатата недела. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, неколкупати досега повторува дека треба да се има трпение со резултатите од анализата и да се очекува податоците од вештаците да дадат нов правец во истрагата.

Одложувањето предизвика нови бури во срцата на родителите на исчезнатото девојче Ангела Ѓорѓиоска од селото Дуње.

- Дека е матна работата и дека сакаат нешто да прикријат покажува и одолжувањето на испитувањето на остатоците и полицијата сака нешто да скрие - сметаат Борка и Анастасија, кои пред шест месеци останаа без малечката и не знаат која е нивната судбина.
Една недела тие чекаат да дознаат дали пронајдените коски, коса, делови од облека и детски влечки кај соседното Пештани се од нивната 6-годишна ќерка Ангела, која исчезна на 23 јули минатата година во селото Дуње. Се сомневаат во истрагата и сметаат дека пронајдените остатоци се од друго дете, со кое само се сака да се замаскира истрагата. А дека дете до таму не може да појде, смета и селскиот поп.

- Минатиот понеделник кога дојдоа да ни земат брисеви, ни рекоа дека можно е да е и Ангела, но и не мора да биде таа. Резултатите од ДНК-анализата ќе биле готови за 24 часа. Не еден, минаа осум дена и ништо нема. Матна е работата, местена работа, тоа се туѓи коски - смета мајката Анастасија.
Од Судска медицина минатата недела, кога им беше доставен доказниот материјал, рекоа дека ќе им бидат потребни најмалку 10 дена за да ја комплетираат ДНК-анализата, но поради специфичноста на случајот, можно е тој рок да се продолжи.

- Постапката е посебно тешка, материјалот е суптилен за обработка и изменет од атмосферските влијанија и се уште немаме доволно количество ДНК - вели директорот на Институтот за судска медицина, Алексеј Дума.

И таткото Борка се сомнева дека неизвесноста ќе потрае.

- Како шест месеци ништо не најдоа, а сега само во еден ден се најдоа. Може да потрае, бидејќи снегот на планината може да ги завее трагите - смета таткото Борка.
Остатоци од детски труп беа пронајдени во месноста Самовилец, во близина на селото Пештани, во планински и недостапен терен, кој е на 5 километри од Дуње. Селскиот поп Веско Лапоски смета дека таму девојче само не може да појде. Тој бил на 2 август во манастирот „Св. Илија“, кој се наоѓал на еден километар до местото на пронајдените остатоци.

- Местото е високо, мора да е однесено. Пред исчезнувањето на девојчето не бев долго време појден во селото, но затоа бев на Илинден, крстев вода во манастирот до кој се оди пеш. На службата во манастирот беа 5-6 луѓе од Прилеп и чудно е доколку телото било таму од 23 август, ништо да не забележи никој. Долги години сум поп во селото и не сум слушнал животно досега да нападне човек, а дали се случило од човечка рака, не смеам душа да си грешам - раскажува попот Веско Лапоски.
Според него, во Дуње и во Пештани живеат мирни луѓе.