Фармацевт и техничар во аптеките ќе донесе проблеми

14:30 | 18.03.2010 | Автор: МИА
Реализирањето на обврската во една смена во аптеките да работат дипломиран фармацевт и фармацевтски техничар во моментов ќе донесе големи проблеми во аптекарската дејност, изјави денеска претседателот на Фармацевтската комора Лидија Петрушевска Този. - Во моментов постојат повеќе од 800 аптеки. Во поголемиот дел од нив работат по еден техничар и по еден фармацевт во различни смени. Обврската двајцата да работат во една смена нема да може да се исполни бидејќи во моментов во државата нема фармацевти кои се заинтересирани за работа во аптеките, поради економската ситуација во која се наоѓаат. Сите овие економски показатели покажуваат дека една аптека одвај може да извади плата само за еден фармацевт и еден фармацевтски техничар, рече Петрушевска Този. Таа додаде дека Фармацевтската комора на Македонија и нејзините членови сакаат да работат во согласност со позитивната законска регулатива, но, како што рече, истовремено извршувајќи ја својата задача да ги услужуваат пациентите со континуирано снабдување на лекови.
Од Фармацевтската комора ги повукуваат надлежните институции во рамки на нивните надлежниости да определат разумен преоден период за надминување на оваа ситуација.