Филип Луру од Светска банка во посета на Македонија

11:00 | 12.03.2010 | Автор: МИА
Потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија, Филип Луру од денеска ќе престојува во неколкудневна работна посета на Македонија.
Со него ќе допатува и директорот на Светска банка за Југоисточна Европа, Џејн Арметиџ.
Главната цел на посетата, како што информира Светска банка, е отпочнување на разговорите за новата Стратегија за партнерство за следните четири години. Стратегијата треба да го објасни начинот на кој Светска банка и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) ќе и помогнат на Македонија во остварувањето на развојните приоритети, членството во ЕУ и ублажувањето на последиците од светската економска криза.
За време на посетата, тимот од Светска банка ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, со заменик-претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, а ќе оствари заеднички состанок и со министрите кои во своите ресори раководат со инвестиции финансирани од оваа меѓународна институција.
Филип Луру ќе оствари средба и со гувернерот на Народната банка Петар Гошев, како и со претставници на меѓународните организации и амбасади во Македонија.