Функционерите му откажуваат послушност на Груевски!?

10:00 | 01.09.2010 | Автор: Влатко Стојановски

Владимир Здравев вчера си поднесе оставка од челното место на државната компанија за пренос на електрична енергија МЕПСО. За разлика од него, директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, Владимир Бахчовановски, кој воедно беше и советник во општина Центар, ни потврди дека ќе ја задржи директорската позиција во најпрофитабилната владина јавна установа, додека, пак, последниот од големата тројка „двојни функционери“, Виктор Камиловски, се уште не се знае дали во иднина ќе директорува со градската болница или ќе претседава со советот на општина Аеродром. - Поднесувам оставка од функцијата генерален директор на АД МЕПСО, што значи дека воедно се повлекувам од претседателското место во Управниот одбор на таа компанија. Оставката ја поднесувам зашто така одлучив откако ја реализирав агендата за финансиска консолидација на компанијата и за имплементација на повеќе инвестициски проекти во преносната мрежа на АД МЕПСО. Останувам целосно фокусиран на внатрепартиски активности и на ангажмани на проекти на ВМРО-ДПМНЕ - вели Здравев во писмена изјава на последниот ден од рокот што владејачката ВМРО-ДПМНЕ им го даде на своите функционери кои вршат две или повеќе јавни функции да одберат само една. Виктор Камиловски, завчера за „Шпиц“ рече дека останува на директорската функција во градската болница и со тешко срце ќе ја напушти советничката функција во општина Аеродром, која му ја доделиле гласачите. Но, од Аеродром вчера беа изненадени кога прашавме кој би бил можниот наследник на Камиловски на претседателското место на советот на општината, зачудено коментирајќи: „Прв пат од вас слушаме дека Камиловски ќе си оди“. Имено, од неофицијални извори дознаваме дека докторот Камиловски завчера во 8 часот наутро, непосредно пред да ја даде изјавата за нашиот весник одржал состанок со болничкиот персонал, на кој соопштил дека си заминува од директорското место од градската болница, за да ја задржи советничката функција на општина Аеродром. Вчера Камиловски не одговори на својот мобилен телефон, но доколку има вистина во второто, се поставува прашањето зошто докторот ја држи јавноста во неизвесност околу своето заминување од болницата?Додека јавноста очекува владејачката ВМРО-ДПМНЕ јавно да соопшти како се одвива процесот на откажување од двојните функции и на другите функционери на локално и на централно ниво, се јави опозициската Обединети за Македонија (ОМ) , посочувајќи дека голем дел од носителите на двојни функции се уште не се откажале од профитот и покрај препораката од ВМРО-ДПМНЕ тоа да го сторат до 31 август. - Господине Груевски, дали сфаќате дека и вашите функционери Ви откажуваат послушност? Некои од нив воопшто и не помислуваат да се откажат од фотелјите. Таков е случајот во Демир Капија, Кавадарци, Валандово, Кочани, во скопските општини, Струга… Како со тоа ќе се справите, тоа е ваш партиски проблем! Ние само бараме советниците да ги вратат народните пари кои ги земаа на незаконски начин - рече Наталија Ивчева Анева, претседателка на Кадровска комисија при ОМ. Од партијата на Љубе Бошковски прозваа неколку имиња кои се уште примаат по две или повеќе плати, меѓу кои Трајко Димитриев градоначалник на Демир Капија, истовремено е претседател на „Специјален Завод - Демир Капија“ и член на УО на слободна економска зона – Бунарџик, Илија Тренчев, претседавач на Советот на општината Кавадарци и управник во Царинска испостава, Ѓоко Камчев и Ангел Максимов, први луѓе на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово и во Кочани, од кои првиот е директор на комуналец, а вториот претседател на УО на фондот за ПИОМ.