» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Ги судат оние што ја бранеа Македонија
Генералот Стојанче Ангелов, еден од обвинетите, вчера револтирано изјави дека државата си поигрува со човечките судбини
21:15 | 26.02.2010 | Автор: Влатко Стојановски
Само што почна судењето на Ангеле Јовановски, претседател на Комората за обезбедување лица и имот и детективски услуги, и на уште петнаесеттемина вработени во МВР и АРМ поради нелегално издавање лиценци за обезбедувачи, дел од обвинетите се пожалија на селективност и пристрасност во целата постапка.
Генералот Стојанче Ангелов, еден од обвинетите, вчера револтирано изјави дека државата си поигрува со човечките судбини.
- Зошто седуммина кои го правеле истото што и ние за што не товари судот, не беа повикани на денешното рочиште - праша Ангелов.
Сите петнаесетмина обвинети, додава Ангелов, меѓу кои има и помошник- началник на СВР-Тетово, учествувале во конфликтот од 2001 година, додека посочените седуммина не биле вклучени во одбрана на земјава, но, според него, можеби имаат пријателски врски со власта.
Како што сведочи генералот Ангелов, кој бил испитувач во борачки вештини во Комората, претседателот Јовановски му покажал решение од Централниот регистар што укажува дека работата била чиста и неоспорна.
Според МВР, тие вршеле испитувања и се потпишувале на извештаите за спроведен теоретски и практичен дел од стручниот испит за вршење работи за обезбедување лица и имот во својство на испитувачи.
- Од прибавената документација во текот на работењето, евидентно е дека првоосомничениот, иако знаел или бил должен да знае дека според законот единствено министерот за внатрешни работи формира комисија за полагање стручен испит, го игнорирал ова и самиот формирал сопствена комисија за полагање стручен испит - се вели во соопштението од МВР.
Пред првото судско рочиште, кое беше одложено, Јованоски тврдеше дека легално издавале лиценци и дека МВР ја фаворизира другата комора.
- Ги имаме сите решенија од централна владина комисија и три години веќе работиме, но се фаворизира другата комора и на некој начин прави конкуренција - рече тогаш Јованоски изразувајќи надеж дека судот ќе биде реален и ќе донесе правилна судска одлука.


