» Најкоментирани од последната недела:
Грција е наш агресор, а НАТО се распаѓа!
Скандалозен настап на новиот амбасадор на НАТО во Брисел Мартин Треневски, на вчерашната собраниска Комисија за надворешни работи.
09:30 | 30.07.2010 | Автор: Маја Михајловска
Новиот амбасадор на Македонија за НАТО, Мартин Треневски, на оваа клучна функција во Брисел ќе замине на 1 септември, со ставот дека НАТО се наоѓа во сериозна криза и со загриженост дека ако Македонија направи компромис, според него, со нашиот агресор Грција, македонската дијаспора ќе олади во љубовта кон татковината. Со вакви тези, кои најблаго речено ја шокираа опозицијата, вчера настапи Треневски, кој пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика ја образложуваше својата визија и активностите што ќе ги врши во неговиот амбасадорски мандат во Брисел. - Прифаќањето на грчките барања од наша страна дефинитивно ќе значи капитулација пред агресијата што се врши врз нашата земја над две децении, со огромни последици. Преговорите за изнаоѓање „компромисно решение” се чини дека се во ќор-сокак. Предупредувам дека евентуалната промена на името на нашата држава ќе доведе до нагло „ладење” и дистанцирање на најголемиот дел од македонската дијаспора, особено на Македонците од егејскиот дел на Македонија – рече Мартиновски. Тој ќе замине во Брисел со убедување дека на сите средби и нивоа треба да им укажува на функционерите на НАТО дека Алијансата мора да го напушти принципот на солидарност и консензус меѓу земјите членки, кој, според него, е „бирократско-чиновнички приод на Алијансата”. Мартиновски е убеден дека угледот на НАТО е сериозно нарушен затоа што Македонија не била примена во нејзиното членство пред две години и најави дека ќе работи на тоа да се сменат заклучоците од Букурешкиот самит кои се однесуваат на Македонија. Според него, Македонија е битен фактор на глобално ниво и рече дека и Првата светска војна почнала затоа што Македонија сакале да ја распарчат. Новиот амбасадор ги вџаши присутните и со сомневањата за идното постоење на НАТО и дека Алијансата трпи сериозни загуби во Авганистан. Но, Треневски нагласи дека ќе се заложи Македонија да има и економска корист од НАТО, со тоа што ќе лобира на Алијансата да и продаваме воени униформи, ќебиња, храна и пијалаци. Пратеникот на СДСМ и член на Комисијата за надворешни работи, Игор Ивановски, реагираше дека се случува скандал и дека наместо македонскиот амбасадор во НАТО да ја интегрира земјава, тој ќе води политика на конфронтирање и критикување на Алијансата. - Мартин Треневски ќе ја продолжи негативната, компромитирачка политика на креирање непријатели што ја води владата. Од неговиот денешен настап сфативме дека Треневски има намера да го менува и да го критикува НАТО и да се спротивстави на принципите на неговото функционирање. Со Мартин Треневски во НАТО во Брисел, на Македонија господ нека и е на помош - изјави Ивановски. Треневски заминува во седиштето на Алијансата, по напуштање на функцијата конзул во Торонто во Канада, која ја вршеше во претходните две години. Во неговата биографија, која ја достави вчера до Комисијата, пишува дека е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1992 година.


