» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Грујо, не ти се плашиме! Емил, засрами се!
Канал 5 функционира под закани и притисоци директно на кабинетот на премиерот, се прават консултации за тоа кој новинар е подобен за конкретен настан, на дел од новинарите не им се доверуваат работни задачи - ја опишува работната атмосфера во Канал 5 Весна Коваческа-Трпчевска, еден од осумте отпуштени новинари поради „апстрактни причини“.
09:00 | 29.07.2010 | Автор: Влатко Стојановски
Престанете да правите упад во професионалното новинарство! Престанете да се заканувате и да плашите врапци! Можете да заплашувате криминалци, со чии криминали најверојатно ја условувате послушноста, но не и нас, кои за пристојна плата си ја работиме својата работа чесно, многу години наназад и кога вие не сте сонувале дека ќе станете премиер!. Но, не ви се плашиме! Ова на премиерот Никола Груевски вчера му го порача Весна Коваческа-Трпчевска, еден од новинарите кои пред два дена добија отказ од телевизија Канал 5. Покрај неа, наводно поради превработеност, Канал 5 отпушти уште седум познати новинари, меѓу кои Богданка Кузевска, Христена Антовска, Александра Мишовска, Соња Јованова, Сања Момировска, Бранка Чочковска и Александар Ивановски. - Редакцијата функционира под закани и притисоци директно од кабинетот на премиерот. Се прават консултации со кабинетот за тоа кој новинар е подобен за конкретен настан, а на дел од новинарите не им се доверуваат работни задачи. Се прави директен контакт со новинари од службите за информирање на власта, со нагласок дека ако новинарот се согласи да ја смени информацијата, нема да биде интервенирано на повисоко ниво во телевизијата. Се нудат непристојни предлози за послушност. Се кратат прилози без новинарот да биде известен за тоа. Се симнуваат прилози од вестите во последен момент – вели Коваческа-Трпчевска во отвореното писмо до Груевски. Таа тврди дека владата врши упад врз слободното новинарство преку отпуштање новинари кои одбиваат да спроведуваат партиска политика. Таа го обвини премиерот дека си поигрува со човечки судбини. - Кои сте вие да правите таков упад? Тоа што сте на власт не ви дава право на диктатура. Мојата плата е единствената дома, а имам деветгодишно дете. Меѓу луѓето кои се отпуштени има колеги од внатрешноста, со болни родители, луѓе под кирија. Свесни ли сте што правите? - прашува отпуштената новинарка. Таа испрати писмо и до Емил Стојменов, сопственик на Канал 5, во кое потенцира дека на завчерашниот состанок меѓу раководството на медиумот и новинарите, директорот Иван Мирчески признал дека списокот со отпуштања е направен според „апстрактни критериуми“. Таа го повика Стојменов да се спротивстави на линчот против неговите вработени. - По десет години професионална и чесна работа, отпуштена сум според апстрактни критериуми. Нека ви служи на чест! Еднаш ви реков, дел од медиум сме и јас и вие, имаме огромна одговорност кон јавноста, сега ќе ви го повторам тоа. Не виткајте кичма, туку спротивставете се на линчот на вашите вработени кои под притисок порано заминаа, сега заминуваат и тие што ги спремате да си одат – без нив, без нас – му порача Коваческа-Трпчевска на Стојменов, кој моментно е на одмор во Грција. Директорот на Канал 5 Мирчески, пак, вчера беше недостапен да објасни какви се тие „апстрактни критериуми“ поради кои осум новинари заработија откази, а се најавуваат и нови отпуштања. „Шпиц“ неофицијално дознава дека откако Мартин Протоѓер, шеф на кабинетот на премиерот Груевски ја посетил редакцијата на Канал 5 пред околу три недели, работната атмосфера во телевизијата драстично се променила. Според нашите извори, прилозите се контролирале и се менувале, па дел од новинарите понекогаш не можеле да си ги препознаат кога ги гледале на вестите. Отпуштените новинари велат дека за ова ги информирале Филип Рикер и Ерван Фуере, амбасадорите на САД и на Европската унија во земјава. Тие очекуваат дека набрзо ќе одржат средба со нив, на која ќе се пожалат за мобингот низ кој минале овие две години, кој резултирал со чести нарушувања на нивното здравје. Најверојатно, отпуштените новинари ќе ја тужат Канал 5, бидејќи не се согласиле да потпишат спогодбени решенија за разделба, како што барал менаџментот на телевизијата.


