» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Христос воскресе - вистина воскресе!
Православните и католичките христијани в недела го прославуваат Христовото воскресение - Велигден, најголемиот христијански празник, празник на победата над смртта, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.
09:15 | 22.04.2011 | Автор: Шпиц
Велигден е спој на верата и традицијата, негувана од памтивека, а почна вчера на Велики четврток уште пред изгрејсонце кога домаќинките ги вапсуваат првите три црвени велигденски јајца.
Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли - Христови ученици и нивните наследници. За тоа сведочи Светото предание. Велигденското јајце е старо колку и христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение. Првите христијани и современици на апостолите почнале да вапсуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав Христос воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе!
Како што вапсаните црвени јајца од Велики четврток се јасна најава за блискоста до Велигден, така и тогаш, на Велики четврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне.
Според Светото предание, се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносци, прва го почнала овој обичај за велигденските црвени јајца.
За Велики петок - денот на страдањата и смртта на Исус Христос, црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење, освен за немоќните и старите. На Велики петок не бијат црковните камбани, кои ќе се огласат в недела на денот на Христовото воскресение.
Веста за воскресението в сабота на полноќ ќе ја објават свештениците и архијереите на богослужбите во сите цркви и манастири на Македонската православна црква во земјава и во странство.
Изменет возен режим
В сабота во периодот од 18 часот до 6 часот наредниот ден, 24.4. 2011 година (недела), поради велигденските празници, ќе биде забрането одвивањето на сообраќајот на дел од булеварот Партизански одреди, од раскрсницата со улицата Франклин Рузвелт до раскрсницата со улицата Даме Груев, како и на дел од булеварот Свети Климент Охридски, од раскрсницата со улицата Орце Николов до раскрсницата со улицата Димитрие Чуповски.
Автобусите на јавниот градски сообраќај што се движат по булеварот Партизански одреди во насока кон Карпош ќе бидат пренасочени и ќе се движат по следните сообраќајници: улица Димитрие Чуповски, Митрополит Теодосиј Гологанов и Франклин Рузвелт.
Јајца за сите во Центар
Општина Центар, по повод големиот христијански празник Велигден, ќе им подари на скопјани 12.000 велигденски јајца.
Деца од КУД „Кочо Рацин“ облечени во народни носии, в сабота во период од 10 до 15 часот ќе им ги подаруваат велигденските јајца на минувачите на улица Македонија, Кеј 13 Ноември, Градски трговски центар, на Зелен пазар, во ТЦ и пазарот Буњаковец и на улица Ленинова во Дебар Маало.


