И актерите учествуваат во преродбата на власта

Од околу дваесетина нововработени во еден македонски театар се бара да достават листа од најмалку 15 гласа за владејачката партија на претстојните избори, тврди актер.

10:00 | 22.04.2011 | Автор: Шпиц

Листи со имиња на најмалку 15 сигурни гласа за владејачката партија се бараат од нововработените актери во театарски институции во повеќе градови во земјава, не информираше актер кој побара да остане анонимен.
- Од околу дваесетина нововработени во еден македонски театар се бара да достават листа од најмалку 15 гласа. На листите треба да се наведат и матичните броеви, адресите на живеење, како и телефони за контакт на оние што ќе гласаат, а тие имаат обврска на денот на гласањето да се појават на гласачкото место до 12 часот. Потоа ќе се прават проверки и ако некој од нив не се појави, одговорноста ја понесува доставувачот на листата - изјави нашиот извор и додаде дека оваа акција на собирање гласачко тело се спроведува преку директорите на театрите.
Директорите на неколку театри ги демантираа овие информации и рекоа дека не треба политиката да се меша во театарот.
На крајот од минатата година поради политички притисок од страна на владејачката ДУИ не беа вработени двајца актери со долгогодишно искуство зашто не биле политички подобни, а на нивно место се донесе нов неискусен кадар.
И од СДСМ потврдија дека од актери било побарано да најдат минимум 15 сигурни гласачи.
- Ова се практикува во сите државни институции каде што партиските војници се задолжени во знак на благодарност за вработувањето да дадат список со минимум 15 луѓе за кои гарантираат дека се гласачи за ВМРО. Во спротивно се соочуваат со закани дека ќе го загубат работното место. Ова е уште еден доказ дека Груевски и фамилијата ја злоупотребуваат власта за да го ублажат изборниот пораз на 5 јуни - велат од партијата.
До октомври минатата година платите на театарскиот кадар во рамки на државните театри беа зголемени за 60 отсто. Минатата година беа вработени вкупно 134 нови лица, од кои 50 беа актери.