Имиџот на Скопје се менува како чорапи

Спорна и скандалозна е одлуката на Градот да гради врз сообраќајница.

09:00 | 02.09.2010 | Автор: Шпиц

Незамисливо е да се градат објекти врз сообраќајница, такво искуство нема никаде во светот. Вака реагираат архитектите на најновите измени во урбанистичкиот план за Скопје.
- Ниту сега, ниту во иднина не е замисливо да се градат објекти над магистрала. Една сообраќајница од примарната мрежа има само една намена, а тоа е единствено магистрала и ништо друго. Во светот има над 846 милиони подземни сообраќајници, тунели, но тие се направени регуларно и стручно, а кај нас уставното начело се крши, а тоа гласи дека мора Деталните урбанистички планови да бидат во согласност со Генералниот. Градските власти дозволија да учествуваат во невидено бесно, арогантно и бандитско кршење на важечкиот план, чија измена ја направи општина Центар - вели Мирослав Грчев по одлуката на Градот врз Јужниот булевар да изгради објекти на површина од 153.151 квадратен метар. Тој смета дека нема потреба Градот да прави нов ГУП и оти не постојат стручни предуслови, ниту конкретна програмска мисла или анализа врз чија основа Градот треба да го изработи. Првиот Генерален план за Скопје е изработен во 1965 година од најголемата светска урбанистичка и сообраќајна елита „Вилбор и Смит“. Тој предвидувал подземна сообраќајница на местото на Јужниот булевар. Овој план е потврден и во 1985 година, и со мали измени е ажуриран во 2003 година. Архитектот и советник во Градот, Никола Велковски истакна дека Генералниот план може да се менува, но само ако ги застапува реалните интереси на граѓаните, во консултација со стручни тела, јавно и транспарентно, а не заради лични интереси на одредени групи и групации.
- Проблемот не е во планскиот дел на ГУП-от, туку во реализацијата, пред се, во делот на сообраќајната инфраструктура. Во моментот се реализирани помалку од 40 отсто од предвидените сообраќајници, а тука лежи и најголемиот проблем. Јужниот булевар беше предвиден во ГУП-от, но не и зградите врз подземната сообраќајница. Ако се оствари таа замисла ќе се случи истото што беше и со населбата Капиштец, односно ќе се затвори цел простор со згради и ќе се оневозможи струењето на чист воздух, од парк-шумата Водно - објасни Велковски.
Според опозициската СДСМ, ГУП се носи еднаш на 20 години, а оти сево ова градските власти го прават по барања на урбаната мафија и по партиска директива.
- Коце веднаш по доаѓањето на функцијата градоначалник се зафати со тоа и го најавуваше, но тоа не се случи. Тој докажа дека не умее да се снаоѓа во решавањето на крупните проблеми и се занимава со исполнување на барањата на урбаната мафија по партиска директива на кои очигледно мора да им излезе во пресрет - вели Софија Куновска, координатор на советничката група на СДСМ во Градот. Трајановски најави дека крајниот рок кога ќе биде подготвен новиот ГУП е декември 2012 година. Тој ги задолжи скопските општини да подготват елаборати за проширување на границите. За новиот ГУП Градот ќе плати 2 милиони евра.