» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Јанко Бачев: Мораме уште еднаш да се пресметаме со Албанците
Тачи да не си игра со оган, порачува Јанко Бачев од НДМ, според кого доколку Тачи предизвика војна, тоа ќе им олесни на Македонците кои се при крај со своето трпение. Мораме уште еднаш да си ги пресметаме силите, вели Бачев!
21:30 | 10.02.2010 | Автор: Влатко Стојановски
Не играј си со оган, зашто овој пат нема да си имате работа со некое предавничко раководство како во 2001 година, туку со македонскиот народ кој е при крај со своето трпение. Ова му го порача Јанко Бачев од Народното движење на Македонија на лидерот на ДПА Мендух Тачи, кој во интервју на емисијата Х/О рече дека Македонија ја чека „многу тешка војна во која ќе паѓаат и границите на Албанија и на Косово”.
- Македонија е пред нов меѓуетнички конфликт доколку не се реши проблемот за името со Грција и доколку не се прифати новиот договор што го нуди ДПА како замена за Рамковниот - посочи Тачи, притоа јавно истакнувајќи дека нема да биде лојален и нема да ги почитува институциите оти не ја сака оваа држава.
За поранешниот разузнавач Бачев, доколку Тачи иницира војна, тоа во голема мера ќе им олесни на Македонците затоа што мора да има уште една пресметка во која, овојпат, двете страни реално ќе си ги пресметаат силите.
Според Абедин Зумбери од Нова демократија, кој беше командант на ОНА во липковскиот регион, секогаш кога Тачи е во опозиција дава глупави и луди изјави. Тој оценува дека Тачи, исто како и претседателот на ДУИ Али Ахмети не заслужуваат да бидат во политиката бидејќи не се нормални.
- Сега кога имаме силни меѓуетнички тензии, најмалку ни треба дополнително подгревање на страстите. Наместо тоа, треба да седнеме на маса и да ги решаваме проблемите како луѓе - ни изјави Зумбери.
Поранешниот полициски генерал Стојанче Ангелов, претседател на здружението на бранители „Достоинство”, смета дека уште една војна на Македонија нема да и се случи бидејќи нема кој да ја води поради тоа што оние што ја иницираа во 2001 година си ги постигнаа своите цели и намери.
- Тачи не го сфаќам сериозно. Мислам дека неговата реторика оди во правец на собирање политички поени и не верувам дека има моќ да почне какви било воени дејства - изјави Ангелов.
Според него, и покрај тоа на Македонија и се случува бучна федерализација. Тој вели дека Албанците се нешто бараат и постојано се незадоволни. Сепак, ни изјави Ангелов, само еден погрешен потег во погрешно време и на погрешно место може да предизвика ескалација во односите.
За Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи, не постојат реални изгледи за дестабилизација на Македонија. Сепак, тој анализира дека до безбедносна криза може да дојде доколку настане меѓупартиски конфликт меѓу македонско-албанските партнери во владината коалиција, што според него, тешко би се случило.
Имено, со пораки за можна дестабилизација на земјата настапи и евроамбасадорот во земјава Ерван Фуере, кој за виенскиот весник „Стандард“ изјави дека доколку се одложи одредувањето датум за почеток на преговори со Европската унија, се создава потенцијал за меѓуетнички тензии.
Во годишниот извештај што го изготви ЦИА за американскиот конгрес се наведува дека случувањата на Балканот можат повторно да прераснат во закана по стабилноста на Европа во 2010 година. Сепак, во документот не се споменува Македонија, туку пред се, се мисли на БиХ и на Косово.


