» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Ќе пушиме каде сакаме!
Пушење во сите локали, односно колективно непочитување на Законот за забрането пушење, затворање на објектите повеќе од еден ден, организирани протести пред Влада, како и собирање 100.000 потписи на плоштад против овој закон. Ова се само дел од мерките кои Туристичко-угостителската комора ќе ги преземе доколку в четврток амандмански не се доуреди предлогот, кој го достави комората до Собранието.
- Ако во одредени делови на земјата се пуши и некои заработуваат, не може во други делови угостителството да страда. Од друга страна, пак, нашиот главен бунт е насочен кон тоа што има локали кои имаат тераси, како и такви што немаат. Која е логиката да се донесе ваков закон каде што е дозволено да се пуши на тераси во текот на летото, а дел од објектите немаат тераси - вели Феркан Бербери, претставник од Туристичко-угостителската комора.
Како што веќе најавија од Комората, Законот за забрането пушење ќе се даде на Уставен суд, но откако претходно ќе помине во собранието, односно амандмански ќе се доуреди предлогот на Туристичко-угостителската комора.
- Претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска, завчера ни се јави и ни закажа средба во собранието, на чиј состанок ќе присуствуваат и членови од владејачката, како и опозициските партии, ќе го разгледаат убаво нашиот предлог и ќе ја утврдиме нестручноста и некомпетентноста на предлагачите - нагласи Бербери.
Од Туристичко-угостителската комора најавија дека најголем дел од локалите ќе ги поддржат овие мерки.


