» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
„Ќерките да ви мерат улици, а не ние“
Кавгата меѓу Благој Механџиски и Трифун Костовски заврши со стечај за „Градски аптеки“ - првиот им порача на вработените да станат геометри, а вториот остана нем.
21:30 | 04.02.2010 | Автор: Шпиц
„За кои аптекарки вие зборувате, за тие што ќе бидат геометри? Одлучете се веќе еднаш, дали сме аптекарки или геометри! За какво решение сега зборувате, кога вчера веќе ни го понудивте решението, да одиме по улиците и да ги мериме“.
Со овие зборови една од вработените во „Градски аптеки“ вчера револтирано ја коментираше изјавата на Благоја Механџиски, сопственик на „Зегин“, дека „Градски аптеки“ ќе завршат во стечај, а вработените ќе мерат улици како геометри. Механџиски не и остана должен и и возврати:
- Ти, како што си почнала, можеш и да бидеш само геометар, немој сега да ми изигруваш и поетеса. Јас ќе му дадам пари за првите пет месеци на тој што тебе ќе те вработи во неговата аптека.
Вработените се поделија, едни го поддржуваа Механџиски, додека други го обвинуваа.
- Ќерка ми кај вас работеше една година и знам низ што се помина. Нема потреба вие мене да ми се објаснувате каков човек сте. Како проживеа мојата ќерка кај вас, не го пожелувам тоа на никого - изјави друга вработена.
Сопственикот на „Зегин“ вчера се обиде на вработените да им објасни како дошло до тоа сметката на фирмата да биде блокирана и да дојде до стечај.
- Со извршител и со потпис на вработен, „Фармакорп“ успеа да ја испразни касата. Јас ви нудам да формираме установа во која ќе вработиме по две аптекарки и три техничарки и секоја аптека, колку што ќе си заработи, толку плата ќе земе - рече тој.
Трифун Костовски вчера не можевме да го добиеме за изјава. Неговиот став од завчера беше дека стечајот бил целта на „Зегин“ и дека сега, ете, конечно го дочека крајот на „Градски аптеки“. Во септември лани вработените ги затворија празните аптеки и очекуваа да се најде соодветно решение од државата и од содружниците. Наместо тоа, стаса стечајот.
Ним сега веќе им е сеедно кој е крив - Механџиски или Костовски. На заминување, слушнавме коментар кој се однесуваше на обајцата: „Ќерките да ви мерат улици, а не ние“.


